Lokman İlhan
09 Април 2019•Ажурирај: 10 Април 2019
КАРАКАС (АА) - Мексиканскиот претседател Андрес Лопез Обрадор изјави дека неговата земја е подготвена да посредува во решавањето на политичката криза во Венецуела, јавува Anadolu Agency (AA).
„Мексико е подготвено да помогне во преговорите. Сакаме да придонесеме во Венецуела да се пронајде мирно решение за кризата“, порача Обрадор на конференцијата во претседателската палата во Мексико.
Истакнувајќи дека Мексико во својата традиција придава голема важност на посредништвото, Обрадор рече дека мексиканските дипломати се способни да го сторат тоа и во Венецуела.
Тој порача дека Мексико не сака да се меша во внатрешните прашања на Венецуела, туку само да помогне во организирањето на преговорите меѓу власта и опозицијата.
Венецуела е зафатена со протести од 10 јануари, кога претседателот Николас Мадуро положи заклетва за вториот мандат по изборите кои ги блокираше опозицијата.
Тензиите дополнително се зголемија кога опозицискиот лидер Хуан Гуаидо на 23 јануари се прогласи за привремен шеф на државата, потег кој го поддржаа САД и многу европски и латиноамерикански земји.
Русија, Турција, Кина, Иран, Боливија и Мексико ја поддржуваат власта на венецуелскиот претседател Мадуро.
Венецуела со недели се соочува со големи проблеми во напојувањето со струја и вода, а полиците во маркетите сѐ повеќе се испразнуваат. Венецуелскиот претседател Николас Мадуро за тие проблеми ја обвини опозицијата и кибернападите од Колумбија и Чиле.
Мадуро во неделата рече дека е подготвен да преговара и дека ќе го поддржи секој обид за воспоставување дијалог во Венецуела.
Од друга страна, лидерот на опозицијата и самопрогласен привремен претседател на Венецуела, Хуан Гваидо, ги повика приврзаниците да продолжат да вршат притисок сè додека Мадуро не отстапи од власт.