Министерот Муцунски се сретна со австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг
- Оваа посета се совпаѓа со значаен јубилеј, 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, престојува во работна посета на Австралија, а тоа е прва посета на министер за надворешни работи на Северна Македонија на оваа земја по 15 години, пренесува Анадолу.
Како што се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРНТ), оваа посета се совпаѓа со значаен јубилеј, 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји.
Во рамките на посетата министерот Муцунски оствари билатерална средба со австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг. На средбата, според соопштението, министрите ги потврдиле одличните билатерални односи меѓу двете земји и размениле ставови за актуелните геополитички предизвици, вклучително и прашања поврзани со регионалната стабилност и глобалната безбедност.
„Министерот Муцунски изрази благодарност за поддршката што локалните и федералните власти во Австралија ја даваат за зачувувањето на македонскиот идентитет и изучувањето на македонскиот јазик, како и за напорите на македонската дијаспора во промоцијата и зачувувањето на македонската култура и традиција“, се наведува во соопштението.
Министерката Вонг ја нагласи значајноста на оваа прва министерска посета, истакнувајќи ја нејзината симболика во контекст на 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи.
Двете страни се согласија за клучната улога на македонската дијаспора во билатералните односи и изразија подготвеност за интензивирање на политичкиот дијалог и зајакнување на билатералната соработка, со посебен фокус на економските односи меѓу двете земји.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.