Bayram Altuğ
29 Април 2017•Ажурирај: 30 Април 2017
ВАЛЕТА (АА) - Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, во Валета изјави дека Турција не е само земја кандидат за членство во ЕУ, туку и стратешки партнер на ЕУ. „Од перспектива на ЕУ можеме да кажеме дека преговорите околу членство се продолжуваат. Не се замрзнати, ниту завршени” , изјави Могерини, јавува Anadolu Agency (AA).
Могерини одговараше на прашањата на новинарите во главниот град на Малта, Валета, каде денес присуствуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ (Gymnich).
Состаноците беа многу корисни, плодоносни, конструктивни и важни, нагласи Могерини.
„ Имавме можност за искрени и отворени разговори со Турција. Со земјите членки на ЕУ разговаравме за моменталната состојба во Турција и за нашите идни односи”, изјави високата претставничка Могерини по состанокот со шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, и порача:
„Ние го признаваме и почитуваме правото на секоја земја, вклучувајќи ја и Турција, сама да донесува одлуки за својот систем на водење на државата”.
Могерини нагласи дека ги почитува резултатите од одржаниот референдум за сетот уставни промени во Турција.
„Очекуваме имплементацијата на уставните промени да се направи според препораките на Венециската комисија, и извештајот на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ)” , додаде Могерини.
„Европската унија е со стабилната, безбедна, економски успешна и демократска Турција” ,истакна Могерини и додаде дека намерите на ЕУ никогаш не биле на штета на Турција ниту турскиот народ.
Нагласувајќи како односите на ЕУ и Турција се далеку над рамките на самото членство во ЕУ, Могерини нагласи дека преговорите не се завршени, но и дека не се работи на отворање на новите поглавја.