Necva Taştan Sevinç
03 Јули 2026•Ажурирано: 03 Јули 2026
Молдавскиот премиер Александру Мунтеану денес ја соопшти својата оставка, со што автоматски се распаѓа и неговата Влада во услови на растечки политички последици околу скандалот со државната компанија за воздушна навигација „МолдаТСА“, пренесува Анадолу.
Во објавата на американската платформа за социјални медиуми Фејсбук, Мунтеану рече дека повеќе не може да продолжи на функцијата премиер без да ги компромитира своите принципи.
„Го прифатив предлогот да бидам премиер со голема одговорност и со цврсто верување дека можам да придонесам за промена на работите на подобро. Во моментот кога сфатив дека повеќе не можам да го вршам својот мандат во согласност со принципите и верувањата што ги имам, избрав да си заминам“, истакна тој.
Оставката на Мунтеану автоматски ја соборува целата Влада според уставната рамка на Молдавија.
Неговото заминување доаѓа неколку дена откако контроверзноста околу „МолдаТСА“ предизвика политичка криза, што ја натера претседателката Маја Санду да вети „сеопфатно расчистување“ по обвинувањата за назначувања и начинот на управување во државното претпријатие.
Вчера Парламентот на Молдавија формираше посебна истражна комисија за да го испита управувањето со државните компании. Таа ќе ги разгледа процедурите за поставување на позиции на вишо раководство, составот на одборите на директори и случаите во кои поединци истовремено имаат позиции во повеќе јавни институции.
Поранешната советска република Молдавија е кандидат за членство во Европската Унија.