Eshat Fırat
05 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот Парламент, Кнесет, на денешната седница ќе гласа за владиниот предлог-закон за забрана на користењето разглас за повикот за молитва во Израел, а муезинот на џамијата во комплексот „Ал Акса“, Азам Дувејк, порача дека никој не може да ги стивне или да ги забрани езаните, јавува Anadolu Agency (AA).
Во разговор за АА, муезинот Дувејк изјави дека езанот е симбол на Ерусалим и дека тоа свето место е незамисливо без езан.
„Езаните датираат уште од времето на нашиот божји пратеник и ќе продолжат да одекнуваат над Ерусалим сѐ до Судниот ден. Никој не може да го стивне или да ја забрани таа практика“, изјави Дувејк.
Муезинот Дувејк нагласи дека ниту еден парламент, па ни израелскиот, нема капацитет ниту ингеренции да ги забрани езаните, и дека езанот е повик на луѓето за молитва на Бог, а не средство за предизвикување и за политички провокации.
„Роден сум тука, во Ерусалим, и израснав во и околу комплексот на „Ал Акса“. Ова место беше мое игралиште, па место за учење. Тука се вљубив и тоа сега го правам. Ова накратко е мојот живот, а ја имам и таа чест да ги учам езаните во оваа џамија. Тоа чувство не може да се опише и уверен сум дека тоа никој не може да ни го одземе“, изјави Дувејк.
Предлог-одлуката за „стивнување на езанот“ во Израел го направи израелската влада, која смета дека гласните езани го нарушуваат мирот и ги вознемируваат луѓето во градовите.
Овој предлог наиде на остри критики од Палестинците, но и на голем број земји, првенствено Турција. Критичарите тврдат дека тоа е грубо кршење на верските слободи и продолжување на израелското онеспособување на Палестинците.
За предлогот требаше да се гласа на минатонеделната седница на Кнесетот, но беше одложено за денес бидејќи на предлогот се противеше и челникот на десничарската еврејска партија Јахудот Хатора и актуелниот израелски министер за здравство, Јакуп Лицман, изјави дека тоа ограничување би можело да се одрази и на некои еврејски обреди.