Abdel Ra'ouf D. A. R. Arnaout
15 Април 2022•Ажурирај: 17 Април 2022
КУДС (АА) - Повеќе од 150 Палестинци беа повредени рано утринава, кога израелската полиција упадна во дворот на Џамијата „Месџид ал Акса“.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека 152 Палестинци беа повредени за време на судирите со израелската полиција во дворот на џамијата.
Палестинците беа повредени од гумени куршуми, солзавец или претепани од израелската полиција, која, исто така, испука и шок-бомби.
Одделот за исламски донации во Кудс во писменото соопштение истакна дека еден од чуварите на џамијата бил повреден во окото од метален куршум обложен со гума.
Очевидците за Агенција Анадолија изјавија дека израелските полицајци физички ги нападнале Палестинците.
Од своја страна, израелската полиција во соопштението рече дека тројца полицајци биле повредени откако биле фрлени камења врз нив.
Полицијата, исто така, во друго соопштение забележа дека силите ги отстраниле „бунтовниците“ во Џамијата „Ал Акса“ и уапсиле 300 од нив.
Илјадници верници беа во џамијата каде што се одвиваше утринската молитва.
Во претходното соопштение полицијата рече дека интервенирала откако биле фрлени камења врз западниот ѕид, кај муслиманите познат како ѕидот Бурак.
- Осуди
Палестинското Претседателство го осуди нападот од страна на израелските сили врз Џамијата „Ал Акса“ и повика на „итна меѓународна интервенција против израелските напади“.
Упадот во џамијата „е опасен развој и сквернавење на светоста и тоа е еднакво на објавување војна на нашиот палестински народ“, рече портпаролот на претседателот, Набил Абу Рудеине, во изјавата објавена од државната новинска агенција ВАФА (WAFA).
Исто така, министерот за прашања на Кудс во палестинската управа, Фади ал Хадми, ја повика меѓународната заедница да преземе акција за да стави крај на „израелските прекршувања“.
Шеикот Омар ал Кисвани, директорот на Џамијата „Ал Акса“, ги повика Палестинците да дојдат во џамијата за да ја бранат и петочната молитва да ја клањаат таму.
Хамас ја осуди израелската „бруталност“, а Исмаил Ханије тврди дека „одлуката на палестинскиот народ е да ја брани и да ја заштити Џамијата „Ал Акса“ по секоја цена.