Amir Latif Arain
01 Јуни 2026•Ажурирано: 01 Јуни 2026
Десетици илјади домови останаа без струја откако серија силни бури го зафатија јужниот дел на Западна Австралија во текот на викендот. Од невремето паднаа дрвја и далноводи, поради што службите за итни случаи имаа стотици повици за интервенција, објавија локалните медиуми денес, пренесува Анадолу.
Околу 70.000 корисници останаа без електрична енергија, додека предупредувањата за невреме останаа на сила во големи делови од државата, според Австралиската радиодифузна корпорација (АБЦ).
Обилните врнежи од дожд и силните ветрови во саботата навечер беа проследени со втора голема бура синоќа, што ги наруши плановите за долгиот викенд по повод Денот на Западна Австралија, при што некои летови кон аеродромот во Перт беа пренасочени.
Во некои области, вклучително и Кејп Натуралист, беа забележани ветрови со брзина до 135 километри на час, достигнувајќи јачина на циклон.
Неколку објекти беа оштетени откако беше откорнат покривот на станбена зграда во крајбрежното предградие на Перт, Котслоу, соопшти Одделот за противпожарни и вонредни услуги (ДФЕС).
Од ДФЕС соопштија дека иако бурите стивнале, сепак, опасните услови и понатаму продолжуваат и жителите треба да ги избегнуваат оштетените згради, паднатите дрвја и далноводи.
Врнежите од дожд во Перт стивнаа во текот на ноќта, но властите го затворија западниот дел на Риверсајд Драјв во центарот на градот поради поплави.
Компанијата „Вестерн Пауер“ соопшти дека работи на обновување на електричната енергија за околу 69.000 корисници низ целата држава, вклучително и на повеќе од 250 прекини поврзани со бурата во југозападниот регион.
Компанијата ја опиша операцијата за санација како „огромна задача“.