Mehmet Solmaz
03 Јуни 2026•Ажурирано: 03 Јуни 2026
Повеќе од половина од норвешките адолесценти на возраст од 13 до 15 години консумирале енергетски пијалаци во 2025 година, покажува новиот извештај на Норвешкиот институт за јавно здравје, што предизвика загриженост за внесот на кофеин и потенцијалните здравствени ризици кај младите, пренесува Анадолу.
Јавниот сервис НРК објави дека студијата, со која се анализирала консумацијата на енергетски пијалаци во периодот од 2017 до 2025 година, покажала дека дури 56 % од испитаниците на возраст од 13 до 15 години пиеле вакви пијалаци во 2024 и 2025 година. Од нив, повеќе од една третина (36 %) изјавиле дека ги консумираат најмалку еднаш неделно, додека 7 % ги пијат секојдневно.
Истражувачите изјавија дека енергетските пијалаци станале рутински дел од секојдневието за многу млади луѓе и предупредија дека некои тинејџери внесуваат количество кофеин со кое ги надминуваат препорачаните безбедни нивоа за малолетници.
Здравствените експерти ги наведоа ризиците кои вклучуваат нарушување на сонот, анксиозност, срцеви палпитации, главоболки, зависност од кофеин и, во екстремни случаи, труење со кофеин.
Податоците беа собрани пред Норвешка на 1 јануари да воведе национална минимална старосна граница од 16 години за купување енергетски пијалаци.
Од Владата соопштија дека овие сознанија ја потврдуваат неопходноста од воведување мерки за да се ограничи пристапот на младите до енергетските пијалаци, најавувајќи дека внимателно ќе ги следат ефектите од новата старосна граница.
Властите истакнаа дека дополнителни мерки, вклучувајќи кампањи за подигање на јавната свест и образовни иницијативи, би можеле да бидат разгледани во зависност од идните трендови на консумација.