Selçuk Acar
19 Декември 2016•Ажурирај: 19 Декември 2016
ЊУЈОРК (АА) - Денес организацијата Репортери без граници (RSF) соопшти дека во светот оваа година се убиени најмалку 74 новинари додека ја вршеле својата мисија, што е за десет помалку во однос на 2015 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Оваа група во годишниот извештај наведува дека само во Сирија загинале 19 новинари, потоа во Авганистан 10, во Мексико девет и во Ирак петмина загинати новинари.
Речиси сите репортери загинале во своите земји, наведе организацијата Репортери без граници.
Покрај тоа, во 2016 година загинале и деветмина блогери и осуммина вработени во медиумите, што значи вкупно 74 новинари убиени поради тоа што ја извршувале својата мисија на информирање, се наведува во соопштението на Репортери без граници.

Оваа организација наведува дека намалувањето на бројот на настраданите новинари оваа година во споредба со минатата се објаснува со фактот што повеќе новинари бегаат од земјите што станаа премногу опасни, како Сирија, Ирак, Либија, Јемен, Авганистан, Бангладеш и Бурунди.
Во извештајот се наведува дека повлекувањето на репортерите од овие земји создало црни дупки во информирањето.
Организацијата Репортери без граници истакнува дека намалувањето на бројот на загинатите новинари исто така е резултат на теророт што се врши над новинарите од таканаречените медиумски предатори, кои ги затвораат медиумите и вршат притисоци на новинарите.
Во земјите како Мексико има појава на автоцензура на новинарите за да избегнат смрт. Во Авганистан, сите десет новинари оваа година се убиени поради професијата што ја работат.
„Насилството врз новинарите сѐ почесто е намерно. Јасно е дека се убиени затоа што се новинари. Оваа алармантна ситуација е одраз на големо потфрлување на меѓународните иницијативи за заштита на новинарите“, рече генералниот секретар на Репортери без граници, Кристоф Делоир.
Тие го повикаа новоименуваниот генерален секретар на ОН, Антонио Гутерез, да го именува специјалниот пратеник за заштита на новинарите.