Adham Kako,Levent Tok
20 Декември 2018•Ажурирај: 20 Декември 2018
АЗАЗ/АНКАРА (АА) - Откако Соединетите Американски Држави (САД) донесоа одлука за повлекување од Сирија, арапските племиња под окупација на терористичката организација ЈПГ/ПКК започнаа да преземаат одредени мерки, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите на локалните извори, американската одлука за повлекување на силите од Сирија резултираше со активирање на арапските племиња кои се под окупација на терористите на ЈПГ/ПКК.
Советот на арапски племиња најави дека утре ќе биде одржан конгрес кој ќе има за цел под еден покрив да ги собере околу 150 арапски племиња. Во соопштението на овој Совет е истакнато дека утре во градот Азаз ќе се соберат претставниците на племињата и на различни сириски градови.
„Главна цел е со создавањето на институционална политичка и/или воена сила која ќе се состои од претставници од сите сириски градови, да се направат безуспешни активностите на терористичката организација ПКК-ПЈД/ЈПГ на подрачјето на Сирија, првенствено источно од Еуфрат; да се овозможи со оваа територија да управуваат вистинските сопственици и да учествуваат во изградбата на иднината на Сирија“, пишува во соопштението.
Советот доби поддршка и од Националната коалиција на сириските опозициски и револуционерни сили (SMDK), и истакнато е дека првите активности ќе бидат спротивставување на американското лансирање на „терористичките организации како претставници на Курдите“.
Нагласено е исто така дека во Советот целта е учество да земат Арапите и Туркмените, како и курдските племиња кои се против терористите на ЈПГ/ПКК.
Американските медиуми вчера јавија дека САД планираат во потполност да ги повлечат вооружените сили од северниот дел на Сирија.
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ја поразиле терористичката организација ДЕАШ, која беше единствена причина поради која Американците се наоѓаа во Сирија.
„Ја поразивме ДЕАШ во Сирија, единствената причина поради која се наоѓавме таму за време на мојот мандат“, напиша Трамп на социјалната мрежа Твитер.
Американските медиуми наведуваат дека американската војска од Сирија планира во потполност да повлече околу 2.000 војници, додека одредени медиуми наведуваат дека САД војниците од таа земја ќе ги повлечат за период од 60 до 100 дена.
Сирискиот опсерваторум за човекови права (SOHR), со седиште во Лондон, на интернет-страницата објави дека американските команданти ги информирале водечките имиња на ЈПГ/ПКК, кои го користат името СДФ, дека ќе се повлечат од сите региони во Мунбич и источно од Еуфрат.
Останува под знак прашалник колку ќе трае повлекувањето на американската војска од Сирија, што ќе биде со односот со терористичката организација ЈПГ/ПКК, како и тоа кога и на кој начин ќе биде исполнето ветувањето дадено на Турција, а станува збор за собирање на вооружување кое претходно како поддршка беше пратено на терористите на ЈПГ/ПКК.