Beyza Binnur Dönmez
28 Април 2026•Ажурирај: 28 Април 2026
Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации денес предупреди на зголемени ризици за цивилите во Јужна Сирија поради проширувањето на воените операции на израелската армија, јавува Анадолу.
„Добиваме сè поголем број поплаки во врска со заштитата на цивилите во Јужна Сирија, каде што проширувањето на операциите на израелските сили што ги окупираат овие области ги ставаат животите во опасност“, изјави портпаролот Тамин ал-Китан пред новинарите во Женева.
Тој рече дека правата на семејниот живот и приватноста се ограничени, а егзистенцијата, особено во земјоделските заедници, е сериозно погодена.
Ал-Китан цитираше наводи за „вознемирување и заплашување, притворања, испрашувања, претреси на домовите и ограничувања на движењето“, вклучително и во губернијата Кунејтра, каде што израелските сили наводно поставиле контролни пунктови, претресувале домови и приведувале цивили.
Тој рече дека според сириските власти, најмалку 250 лица, меѓу кои и деца, биле уапсени во Јужна Сирија од падот на поранешната влада, при што 50 сè уште се притворени, а некои наводно се пренесени во затвори на окупираната Голанска Висорамнина.
Ал-Китан, исто така, изрази загриженост поради израелските планови за проширување на населбите во окупираната сириска Голанска Висорамнина, вклучително и наводните планови за доселување на 3.000 нови израелски семејства, велејќи дека со таквиот план се прекршува меѓународното хуманитарно право.
Високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, според портпаролот, го повика Израел „да стави крај на сите прекршувања на меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за човекови права во Сирија“, порачувајќи дека активноста за населување „исто така, мора да запре“.