Selçuk Acar
03 Август 2016•Ажурирај: 04 Август 2016
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Обединетите нации (ОН) упатија повик да се стави крај на уништувањето на болниците и инфраструктурата во Сирија, кои им се неопходни на цивилите, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање, портпаролот на Генералниот секретар, Стефан Дужарик рече: „Обединетите нации чуствуваат длабока загриженост поради уништувањето на цивилната инфраструктура, особено на здравствените установи на ниво на целата територија на Сирија“.
Дужарик соопшти дека во последниве денови до ОН се доставени извештаи во кои се наведува дека се извршени 5 воздушни напади врз болници во Сирија, од кои 3 биле извршени во Алепо, и додал дека биле извршени по еден напад и врз болниците во Дара и во Идлиб. Дужарик истакнал дека во нападите биле ранети десетици лица и дека меѓу ранетите имало деца и една бремена жена.
Покрај тоа, Дужарик посочи на фактот дека цел на нападите биле здравствени установи коишто им ги даваат своите услуги на десетици илјади лица. Тој вели дека неколку објекти по нападите повеќе не се во можност да работат.
Портпаролот Дужарик истакна дека во извештаите за последните напади од 31 јули и 1 август врз Алепо стои дека е предизвикана штета врз електричната и водоводната дистрибутивна инфраструктура, што предизвикало прекин на струјата и водата во градот.
„Обединетите нации ги повикуваат сите засегнати страни да стават крај на уништувањето на болниците и на инфраструктурата, неопходна за цивилното население, и да ги почитуваат обврските што произлегуваат од меѓународното хуманитарно право и од човековите права", портпаролот Дужарик ја даде својата проценка.