Beyza Binnur Dönmez
07 Ноември 2023•Ажурирај: 08 Ноември 2023
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации се обидуваат „да направат повеќе“ за воспоставување хуманитарен прекин на огнот во Газа, каде што Израел продолжува со немилосрдните напади веќе еден месец, изјави денес директорката за информативни служби на меѓународната организација, јавува Анадолу.
Одговарајќи на прашањето на Анадолу за тоа какви дополнителни чекори може да преземат ОН за да се минимизира цивилната штета во Газа по израелскиот воздушен напад викендов што го погоди бегалскиот камп Ал-Магази, Алесандра Велучи рече дека тие постојано тврделе дека „дури и војните имаат правила“.
„Вие прашувате дали можеме да направиме повеќе. Се обидуваме да направиме повеќе. Се обидуваме да направиме сѐ што можеме“, рече Велучи за време на прес-конференцијата на ОН во Женева.
„И вчера мислам дека генералниот секретар (Антонио Гутереш) гласно го повтори својот апел за заштита на цивилите, болниците, објектите на ОН, засолништата и училиштата“, рече таа, додавајќи дека персоналот на ОН работи дење и ноќе за да се обиде да ја подобри ситуацијата во Газа.
„Мислам дека навистина би ја нагласиле исклучително важната работа што ја правиме со сите колеги за да се обидеме да го реализираме овој хуманитарен прекин на огнот што е толку очајно потребен“, нагласи таа.
Во врска со загубата на членовите на семејството на снимателот на Анадолу, Мухамед Алаул, кој загуби четири деца и три браќа и сестри за време на нападот во бегалскиот камп Ал-Магази, Велучи рече: „Многу, многу ни е жал за тоа и испраќаме сочувство до вашиот колега (Алалул) и на неговото семејство, кој, за жал, не е првиот новинар кој изгубил најблиски во Газа.“
Во нападот загинаа повеќе од 50 Палестинци, меѓу кои и членовите на семејството на Алаул.
Според Комитетот за заштита на новинарите (CPJ), најмалку 37 новинари и медиумски работници се убиени во конфликтот меѓу Израел и палестинската група Хамас. Триесет и двајца беа Палестинци, четворица Израелци и еден Либанец.
Појасот Газа е под силно бомбардирање откако Хамас започна ненадејна офанзива против Израел на 7 октомври.
Оттогаш се убиени најмалку 10.328 Палестинци, меѓу кои 4.237 деца и 2.719 жени.