Bayram Altuğ
01 Јуни 2018•Ажурирај: 02 Јуни 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Шверцерите на луѓе убија 12 бегалци од Либија, а десетици беа повредени, покажуваат податоците на Обединетите нации (ОН), јавува Anadolu Agency (AA).
Вилијам Спиндлер, портпарол на високиот комесар на ОН за бегалци, (УНХЦР) во Женева изјави дека шверцерите на луѓе во Либија во заложништво држеа околу 200 бегалци од Еритреја, Етиопија и Сомалија. Во обид да избегаат, 12 бегалци беа убиени, а десетици беа повредени.
Тој истакна дека настанот е забележан на 23 мај во Бани Валид, на 180 километри од Триполи.
Спиндлер рече дека врз основа на изјавите на бегалците кои успеале да избегаат, дошле до информации дека некои бегалци биле три години во заробеништво, каде што биле жртви на насилство и злоупотреба.
Според него, 140 бегалци, кои беа спасени од шверц со луѓе, се наоѓаат во центарот на југот на Триполи. Меѓу бегалците има малолетници без придружба.
Џоел Милман, портпарол на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), изјави дека според официјалните бројки во Либија има околу 660.000 бегалци. Сепак, тој предупреди дека овој број би можел да изнесува и милион.