АЛ-БАБ (АА) - Опозициската Сириска национална армија (СНА) презеде контрола врз 80 отсто од северниот сириски округ Мунбиџ како дел од операцијата „Зора на слободата“, чија цел е терористичката организација ПКК/ЈПГ, соопштија денес безбедносни извори, јавува Анадолу.
СНА, напредувајќи низ северните и западните делови на Мунбиџ, продолжува да се судира со терористите на ПКК/ЈПГ, кои ја окупираа областа од 2016 година.
И жителите на Мунбиџ се вклучија, кревајќи се против терористичката организација и спасувајќи ги затворениците кои се држат во локалните затвори. Населението во областа е претежно арапско.
Претходно во операцијата СНА ги зазеде од терористите градот Орајма и селото Аун ал-Дадат.
Започната на 1 декември, операцијата „Зора на слободата“ започна со чистење на терористите на ПКК/ЈПГ од центарот на округот Тел Рифат, од страна на СНА. Операцијата има за цел враќање на територијата во северна Сирија и враќање на безбедноста во регионот.
- Важноста на Мунбиџ -
И покрај ветувањата на САД и Русија, терористите на ПКК/ЈПГ ја зазедоа областа на Мунбиџ како резултат на нападот започнат со поддршка на САД во периодот од мај до август 2016 година.
САД ѝ ветија на Туркије дека терористите на ПКК/ЈПГ ќе го напуштат округот откако областа ќе биде исчистена од терористите на ДЕАШ, но не го исполнија тоа ветување.
Москва, исто така, се обврза да ја тргне терористичката организација од Мунбиџ во договорот постигнат со Анкара за време на турската операција „Извор на мирот“ во октомври 2019 година и објави дека терористите заминале, но терористичката организација не замина.
Регионот на Мунбиџ беше од централно значење во планот на терористичката ПКК/ЈПГ за отворање терористички коридор, почнувајќи од сириско-ирачката граница па сѐ до Медитеранот во западна Сирија.
Туркије им зададе удар на подготовките за воспоставување директна врска меѓу Африн-Тел Рифат и Мунбиџ со операцијата „Штитот на Еуфрат“ во август 2016 година.
- Терористичката ПКК/ЈПГ се обидува да го искористи безбедносниот вакуум -
Во услови на неуспех на режимот на Асад од повторното разгорување на конфликтот во Сирија на 27 ноември, што доведе до драматичен колапс на режимот денес, терористичката организација ПКК/ЈПГ се обидува да го искористи вакуумот.
Во својата 40-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, којашто е ставена на листата на терористички организации од страна на Туркије, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на над 40.000 луѓе, вклучително деца, жени и постари лица.
ЈПГ е огранок на ПКК во Сирија, подрачје каде што организацијата со години се обидува да воспостави терористички коридор долж турската граница.
Во последните години Туркије распореди војници и работеше со локалните сојузници како што е опозициската Сириска национална армија за да го спречи ова и да го заштити локалното население од угнетувањето од страна на терористите.
- Патот до колапсот на режимот на Асад -
На 27 ноември избувнаа судири меѓу силите на режимот на Асад и антирежимските вооружени групи во руралните области западно од Алепо, еден од најголемите градови во северна Сирија.
На 30 ноември, антирежимските групи ја презедоа контролата врз поголемиот дел од центарот на Алепо од режимските сили, а истиот ден ја презедоа контролата врз целата покраина Идлиб. Минатиот четврток, по жестоки судири, групите го презедоа центарот на градот Хама од режимските сили.
Антирежимските групи зазедоа одредени населени места во стратешки важната покраина Хомс, порта кон главниот град Дамаск, и почнаа да напредуваат таму.
Во петокот, вооружените опозициски групи започнаа операција во покраината Дера на сириската граница со Јордан и го зазедоа центарот на градот од режимските сили по судирите.
Вчера под контрола на опозициските групи падна и целата покраина Сувејда во јужна Сирија. Истиот ден, локалните опозициски групи во Кунеитра, исто така, ја презедоа контролата врз покраинскиот центар.
Во покраината Хомс, која води до главниот град, вчера антирежимските сили ја презедоа контролата врз центарот на покраината.
Групите кои напредуваа против силите на режимот на Асад влегоа во јужните предградија на Дамаск доцна синоќа. Режимските сили се повлекоа и од министерствата за одбрана и внатрешни работи и од Меѓународниот аеродром во Дамаск.
Откако антирежимските вооружени групи почнаа да го зголемуваат своето напредување во главниот град, режимот на Асад утрово брзо изгуби секаква контрола над Дамаск. По гласините дека побегнал од главниот град, моментално не се знае каде се наоѓа соборениот Башар ал-Асад.
Исто така, во операцијата „Зора на слободата“ што ја започна опозициската Сириска национална армија против терористичката организација ПКК/ЈПГ во руралните делови на Алепо на 1 декември, окружниот центар Тел Рифат беше ослободен од тероризмот.
news_share_descriptionsubscription_contact
