Jeyhun Aliyev
30 Декември 2018•Ажурирај: 31 Декември 2018
РАМАЛА (АА) - Палестинското Министерство за надворешни работи ја повика Меѓународната комисија да ги истражи ископувањата на Израел во окупираниот Источен Ерусалим, како и под комплексот на „Ал Акса“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението се вели дека Министерството предупредило оти израелските ископувања претставуваат голема закана за палестинските домови во окупираниот град.
„Овие ископувања имаат за цел да предизвикаат оштетувања на палестинските домови, при што израелските власти им наредуваат на жителите да ги напуштат домовите под образложение дека не се погодни за живеење“, се вели од Министерството.
Министерството го опиша израелското иселување на Палестинците од нивните домови како големо, систематско етничко чистење.
Израелските власти не дадоа коментар во врска со соопштението издадено од палестинското министерство.
Израел одби да му дозволи пристап на УНЕСКО да ги истражува светите места во Источен Ерусалим (Кудс).
Во јули 2017 година Извршниот одбор на УНЕСКО усвои Резолуција со која се критикува неуспехот на израелските окупаторски власти да ги спречат постојаните ископувања, копањето тунели, активностите, проектите и други нелегални практики во Источен Ерусалим, особено во и околу Стариот дел на градот Ерусалим, кои се нелегалени во рамките на меѓународното право.
Во Резолуцијата понатаму се наведува дека „легислативните и административните мерки и дејствија преземени од Израел, окупаторската сила, кои го променија, или се наменети да го променат карактерот и статусот на светиот град Ерусалим... се неважечки и мора да бидат прекинати веднаш“.
Во 2016 година УНЕСКО усвои Резолуција со која Ерусалим се опишува како окупиран град и Израел како окупаторска сила, која според меѓународното право нема суверенитет над историскиот град.
Во истата Резолуција се наведува дека Стариот дел на градот Ерусалим е целосно палестински, и се нагласува неговиот историски муслимански и христијански идентитет и наследство.
Израел го окупираше Источен Ерусалим за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Во потег никогаш не е признаен од страна на меѓународната заедница, тој еднострано го анектираше целиот град во 1980 година, тврдејќи дека е вечен и неделив главен град.