Hacer Başer
27 Мај 2022•Ажурирај: 28 Мај 2022
АЛ-КУДС (АА) - Палестинската новинарка Ширин Абу Аклех е убиена од оклопен куршум испукан директно во нејзината глава од израелски снајперист, изјави вчера палестинскиот државен обвинител Акрам ал Хатиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Државниот обвинител објави детали врз основа на извештајот на Јавното обвинителство за убиството на новинарката на „Ал Џезира“ на прес-конференција во градот Рамала.
„Израелски снајперист испукал куршум директно во главата на Абу Аклех додека се обидувала да побегне, иако носела шлем и елек кој било јасно означен со зборот ПРЕС“, рече Ал Хатиб.
Тој истакна дека и други новинари кои биле со Абу Аклех биле „намерна“ цел на пукањето.
Додаде дека куршумот што ја убил палестинската новинарка има општи и специфични ознаки кои одговараат на полуавтоматското снајперско оружје „Ругер мини“.
Во меѓувреме, медиумската мрежа „Ал Џезира“ формира правен тим кој убиството на нејзината новинарка Ширин Абу Аклех ќе го проследи до Меѓународниот кривичен суд во Хаг.
„Мрежата ветува дека ќе го следи секој пат за да се постигне правда за Ширин и ќе се погрижи одговорните за нејзиното убиство да бидат изведени пред лицето на правдата и повикани на одговорност во сите меѓународни судски и правни платформи и судови“, рече „Ал Џезира“.
Во соопштението на израелската војска на 19 мај се изјавува дека „нема реално сомневање за злосторство“ во убиството на Абу Аклех, додавајќи дека привремената истрага на Армијата не може да утврди дали таа била убиена од израелски или палестински оган.
Абу Аклех беше убиенa на 11 мај додека известувала за израелски воен напад во близина на бегалски камп во Џенин на окупираниот Западен Брег. Палестинските власти и нејзиниот работодавец „Ал Џезира“ изјавија дека новинарката била убиена од израелски истрели.
Палестинското Министерство за надворешни работи го обвини Израел дека е целосно одговорен за убиството.
Многу држави, групи за човекови права и медиуми бараат транспарентна истрага за убиството на палестинската новинарка.