Lina Altawell
23 Јули 2026•Ажурирано: 23 Јули 2026
Централната изборна комисија на Палестина денес го објави распоредот за парламентарните избори закажани за 28 ноември, во согласност со претседателскиот декрет и законот за општи избори, јавува Анадолу.
Во соопштението, комисијата наведува дека центрите за регистрација на гласачи на Западниот Брег ќе се отворат во сабота, на 15 август, и ќе работат пет дена, се до вечерта во среда, на 19 август.
Кандидатурите ќе се отворат во сабота, на 26 септември, и ќе продолжат 12 дена до вечерта во среда, на 7 октомври, се додава во соопштението.
Од комисијата посочија дека изборната кампања ќе започне во петок, на 6 ноември, и ќе трае 21 ден, завршувајќи со почетокот на изборниот молк во петок, на 27 ноември.
Предвременото гласање за безбедносните сили ќе се одржи во четврток, на 26 ноември, додека општото гласање ќе се одржи во сабота, на 28 ноември.
Првичните резултати ќе бидат објавени во рок од 24 часа од нивната подготовка, додека конечните резултати ќе бидат објавени во рок од две недели по денот на гласањето, откако ќе завршат правните жалби, соопшти комисијата.
На 9 јули, палестинскиот претседател Махмуд Абас издаде декрет со кој 28 ноември 2026 година е утврден како датум за одржување на парламентарните избори во Источен Ерусалим, Западниот Брег и Појасот Газа.
Во јуни, Абас издаде указ-закон со кој се изменува законот за општи избори, зголемувајќи го бројот на членови на Законодавниот совет од 132 на 200, намалувајќи ја старосната граница за кандидати од 28 на 23 години, намалувајќи го изборниот праг од 2% на 1% и барајќи најмалку една жена меѓу секои тројца кандидати на изборните листи.
Палестинскиот Законодавен совет е неактивен од 2007 година по палестинската политичка поделба. Абас го распушти во 2018 година, а последните парламентарни избори се одржаа во 2006 година.
Палестинските територии се политички и географски поделени од 2007 година, при што Појасот Газа е под управа на Хамас, додека со работите на Западниот Брег раководи влада формирана од Фатах.
Според претседателскиот декрет, претседателските избори се закажани за првиот квартал од 2027 година.