Said İbicioğlu
05 Мај 2018•Ажурирај: 05 Мај 2018
ГАЗА (AA) - Националната делегација на масовните демонстрации под називот „Големиот марш за враќање“ на границата на Појасот Газа и Израел, ги повика сите Палестинци од наредниот петок да се соберат на границата, за време на настанот „Подготовка и предупредување“, јавува Anadolu Agency (AA).
Во петокот, шести пат по ред, одржани се масовни демонстрации на границата на Појасот Газа и Израел.
И покрај израелските закани, Палестинците продолжуваат со мирни демонстрации со кои сакаат да укажат на проблемите со кои се соочуваат.
Палестинците петочната молитва ја извршија во близина на границата, по што започнаа со масовни демонстрации. Во тек се демонстрации на пет различни локации во Газа. Демонстрантите денеска палат гуми за да се заштитат од снајперистите.
Палестинските власти сè уште не се огласија по повод денешните настани. Се очекува протестите да траат до вечерните часови.
Палестинците од крајот на март одржуваат масовни демонстрации под називот „Големиот марш за враќање“ на границата на Појасот Газа и Израел.
Најмалку 50 Палестинци од Појасот Газа се убиени, а повеќе од 6.000 се повредени од 30 март кога израелските сили отвориле оган на демонстрантите кои го одбележувале „Денот на земјата", кој претставува симбол на отпорот на израелската окупација.
Се очекува дека протестите ќе кулминираат на 15 мај, кога се одбележува 70. годишнина од Накба (Денот на катастрофата), кој ги симболизира страдањата и прогоните на палестинскиот народ од основањето на израелската држава на палестинската земја.