свет

Палестинците ја обновуваат историската џамија Ал-Наср запалена од израелските војници

„Израелската армија ја запали џамијата првиот петок од Рамазан“

Ekip  | 12.03.2025 - Обновена : 14.03.2025
Палестинците ја обновуваат историската џамија Ал-Наср запалена од израелските војници

НАБЛУС (АА) - Палестинците се мобилизираа да ја обноват историската џамија Ал-Наср, која беше запалена минатата недела за време на израелските рации во старото јадро на Наблус на северниот дел од окупираниот Западен Брег. Волонтери од сите возрасти ги здружија силите за да ја исчистат и обноват џамијата, со цел да го зачуваат нејзиното културно и религиозно значење, јавува Анадолу.

Имамот на џамијата Ал-Наср, Ахмед Зенаде, за Анадолу изјави дека пожарот предизвикал голема штета во внатрешноста на џамијата, вклучително и собата на имамот, ѕидовите, куполите и теписите. Беа уништени и многу примероци од Куранот. Зенаде истакна и дека ќе биде обновена историската калиграфија на џамијата, а поправките би можеле да траат до еден месец.

„Израелската армија ја запали џамијата првиот петок од Рамазан“, рече Зенаде. „Оваа џамија има длабоко религиозно и општествено значење за жителите на Наблус. Израелската армија не само што ја запали туку и ги спречи палестинските пожарникари да интервенираат. Тоа се места за богослужба и според меѓународното право треба да бидат заштитени. Но израелската армија запали и уништи многу џамии во Газа, Џенин и Тулкарем. Сега тие ја запалија џамијата Наср во Наблус без оправдување.“

По пожарот Палестинците брзо се организираа преку социјалните мрежи за да се соберат во џамијата, да ги изгаснат пламените јазици и да започнат со чистење. Волонтерите работеа на обновување на џамијата и клањаа терави намаз (терави молитва) истата вечер. Хасан Камхије, организатор на иницијативата, ја истакна важноста на џамијата за жителите на Наблус. „Тоа е религиозно, духовно и социјално собиралиште за луѓето од Наблус“, рече Камхије. „Ако некој се сретнува со пријател во Наблус, често се избира џамијата Наср како место за средба.“

Камхије истакна дека трошоците за поправка се проценуваат на околу 100.000 долари, кои ќе бидат покриени од трговци, бизнисмени и истакнати личности од Наблус. Тој покажа некои од запалените страници од Куранот, велејќи: „Овие страници од Куранот ќе се чуваат како доказ за злосторствата на окупацијата. Запалени се околу 500 примероци од Куранот. Закопавме некои од примероците, а ќе ги зачуваме овие запалени страници како доказ за злосторствата на Израел.“

Камхије изрази збунетост во врска со мотивите на израелската армија за таргетирање на џамијата. Тој, исто така, истакна дека првите протести „Големата утринска молитва“ против „Договорот на векот“ на американскиот претседател Доналд Трамп во 2019 година се одржани во џамијата Наср.

Во петокот, на 7 март, израелската армија изврши рација во неколку џамии во градот Наблус, во северниот дел на окупираниот Западен Брег, при што ја запали историската џамија Ал-Наср во старото јадро на градот.

Според палестинската државна новинска агенција Вафа, голем број израелски воени сили упаднале во повеќе џамии, вандализирајќи ја нивната внатрешност.

Агенцијата објави дека израелските сили намерно ја запалиле џамијата Ал-Наср и ги блокирале пожарникарите да го изгаснат пожарот.

Очевидци за Анадолу изјавија дека пожарот целосно ги уништил просториите на имамот, оштетувајќи ги ѕидовите и теписите на џамијата.​​​​​​​

Џамијата Ал-Наср е една од најзначајните историски знаменитости на Наблус, првично изградена како црква во римскиот период, а потоа претворена во џамија во 1187 година.

Тензиите низ окупираниот Западен Брег се големи, каде што во нападите на израелската армија и илегалните доселеници од почетокот на офанзивата врз Појасот Газа на 7 октомври 2023 година убиени се најмалку 935 Палестинци, а речиси 7.000 се повредени, според податоците на палестинското Министерство за здравство.

Во јули Меѓународниот суд на правдата ја прогласи долготрајната израелска окупација на палестинските територии за нелегална, повикувајќи на евакуација на сите населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим (Источен Кудс).

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.