Sinan Doğan
07 Мај 2026•Ажурирај: 07 Мај 2026
Реката Парана, која се смета за една од најпрепознатливите гранични точки во светот, ја создава природната прегратка помеѓу Парагвај, Аргентина и Бразил во срцето на Јужна Америка, пишува Анадолу.
Познатото Тромеѓе (Hito de las Fronteras), која секоја година мами воздишки кај милиони домашни и странски туристи, се наоѓа токму таму каде што се допираат Аргентина, Бразил и Парагвај.
Парана, една од најголемите реки во светот по Амазон, тече кон југ и е долга речиси 4.880 километри.
Оваа моќна вода е природен мост што ги поврзува градовите Пуерто Игуасу во Аргентина, Фоз ду Игуасу во Бразил и Сиудад дел Есте во Парагвај.
Додека реката Парана ја исцртува границата помеѓу Парагвај и неговите соседи Аргентина и Бразил, реката Игуасу е таа што нежно ги раздвојува Аргентина и Бразил.
На бреговите на секоја од трите земји стои по еден обелиск, обоен во боите на нивните знамиња. Од местото каде што се спојуваат реките, со еден поглед можете да ги видите сите три земји одеднаш.
Меѓу овие симболични споменици, најпосетуван е оној во аргентинскиот град Пуерто Игуасу, додека парагвајскиот се издвојува со својата големина и впечатлива правоаголна форма.
- Една од најживописните точки на Јужна Америка -
Овој регион е еден од најфреквентните трговски и транзитни рути на континентот. Со население од околу 800.000 жители, тој е исполнет со живот, слободна трговија и туризам, но често е и под сенката на приказните за шверц и организиран криминал.
Поради природните граници што ги обликуваат реките Игуасу и Парана, ова место се нарекува и „воден трифинио“ (троен граничен регион дефиниран од реки).
Реката Игуасу, која со својот тек брза кон запад, ја исцртува природната граница помеѓу Бразил на север и Аргентина на југ, додека во овој дел од нејзиното корито се вгнездени величествените водопади Игуасу - една од најскапоцените и најубави туристички приказни на цела Јужна Америка.
Економијата на овој крај во голема мера се потпира на пограничната трговија. Мостот „Танкредо Невиш“ преку реката Игуасу ги поврзува Аргентина и Бразил, додека „Мостот на пријателството“ над реката Парана ги спојува Бразил и Парагвај.
- Шверц кој не запира -
Сепак, тромеѓето понекогаш е сведок и на меѓусебни тензии. Најголемата болка на овој регион се разликите во царинските контроли, поради што шверцот останува проблем кој тешко се скротува.
Додека туристите со воодушевување ја фотографираат оваа убавина, околните пазари со ракотворби мамат со своите бои.
Аргентинскиот туристички водич Дани Кумерески за новинарот на Анадолу рече дека реката Парана, која ги раздвојува Аргентина, Бразил и Парагвај, секојдневно ја посетуваат десетици туристи.
Истакнувајќи дека ова е едно од најиконичните места во светот што треба да се посетат, Кумерески рече: „Тука може да се почувствува целото културно богатство, разликите во начинот на размислување, економската разновидност и сите тие различни погледи на светот. Иако на некој начин сме како браќа, сепак не е сосема така.“
Кумерески сподели дека аргентинската страна годишно ја посетуваат во просек 1 милион и 400 илјади туристи, додавајќи: „На бразилската страна, пак, доаѓаат околу 9 до 10 милиони туристи годишно за да ги видат водопадите. Луѓето не доаѓаат тука само за водопадите и природните убавини, туку и за да ги искористат можностите за шопинг без даноци. Ова место важи за една од најголемите трговски зони во светот.“