Burak Bir
06 Март 2024•Ажурирај: 08 Март 2024
ЛОНДОН (АА) - Британската воена полиција приведе 5 војници на Специјалната воздухопловна служба (САС) под сомневање за наводни воени злосторства во Сирија, објавија медиумите вчера, пренесува Анадолу.
Војниците од елитните сили би можеле да се соочат со обвинувања за убиство поради смртта на осомничен милитант пред две години. Во извештаите се наведува дека војниците користеле прекумерна сила, наместо да го приведат осомниченото лице. Војниците тврдат дека лицето претставувало закана и планирало да изведе самоубиствен напад.
Британскиот весник „Гардијан“ објави дека Министерството за одбрана нема директно да ја коментира истрагата, но извори на одбраната укажаа дека наводите за приведувањата се точни.
„Ние го држиме нашиот персонал во согласност со највисоките стандарди, а сите обвинувања за прекршувања се сфаќаат сериозно. Онаму каде што е соодветно, сите кривични пријави се упатуваат до официјалната полиција за истрага“, изјави портпаролот на Министерството.
Во извештајот се наведува дека САС бил активно распореден во Сирија во последните 10 години и ангажиран во борбата против терористичката организација ДЕАШ, „поддржувајќи ги Сириските демократски сили“, со кои доминира терористичката организација ПКК-ЈПГ.
Ова не е прв извештај за наводни злосторства извршени од војници на САС, бидејќи во март минатата година беше започната независна истрага за убиствата по кратка постапка од страна на британските сили во Авганистан.
Во декември 2022 година британското Министерство за одбрана нареди независна истрага откако во документарниот филм на „Би-би-си ТВ“ (BBC TV) се зборуваше дека војниците на САС убиле десетици луѓе во текот на рација спроведена од страна на една од нејзините ескадрили во провинцијата Хелманд во периодот од 2010 до 2011 година.