Ekipa
18 Јули 2018•Ажурирај: 19 Јули 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Поранешниот премиер на Израел, Ехуд Барак, го опиша актуелниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху како закана за воспоставувањето ционистичка држава во Израел, пренесува Anadolu Agency (AA).
На предавањето одржано вчера во Тел Авив, Барак ја опиша моменталната Влада на Израел како „темна, националистичка влада“, објави денес израелскиот весник „Једиот Ахронот“ (Yediot Ahronot).
„Единствениот неизбежен резултат на оваа накана е распаѓањето на Израел во нација со муслиманско мнозинство, со постојани внатрешни насилства и несогласувања, а која не е еврејска, ционистичка или демократска“, вели тој.
Барак тврди дека одбивањето на Нетанјаху да го прифати дводржавното решение би ја спречило можноста за одвојување од Палестинците.
„Таа Влада“, вели тој, „беше преокупирана со тоа да ги постави Израелците едни против други и да го посее семето на омраза кон странците, послабите популации и кон малцинствата.“
Ехуд Барак (75) беше премиер на Израел од 1999 до 2001 година.
Во декември, Барак, во статија на „Њујорк тајмс“ (The New York Times) изјави дека Владата на Нетанјаху, со приближувањето кон анектирање на Западниот Брег, го загрозува целиот ционистички проект и спречува трајно одвојување од Палестинците.
Мировните преговори со посредство на САД меѓу Палестинците и Израел пропаднаа во 2014 година поради одбивањето на Израел да ја запре изградбата на населби на окупираните територии.