Şeyma Uzundere
23 Октомври 2021•Ажурирај: 24 Октомври 2021
ВАШИНГТОН
Во реквизитното оружје со кое холивудскиот актер Алек Болдвин (68) за време на филмскиот сет во Ново Мексико ја застрела директорката на фотографија Халина Хачинс (42) и го рани режисерот Џоел Соуза (48) имало вистински куршуми, известува Агенција Анадолија (АА).
Според судскиот записник, Алек Болдвин изјавил дека помошникот на режисерот му го дал револверот и му рекол дека е „безбеден“.
Во записникот се наведува дека помошник-режисерот во својата изјава рекол дека не знаел дека во револверот има „вистински куршуми“.
Се истакнува дека крвавата облека на Болдвин е земена како доказ, заедно со предметниот револвер, а полицијата го запленила и остатокот од оружјето и опремата што се користат на филмското снимање.
Болдвин е пуштен по дадениот исказ во полицијата, а сѐ уште никој не е обвинет за убиството и ранувањето.
„Нема зборови со кои може да се опише мојот шок и тага поради трагичниот настан што ѝ го одзеде животот на Халина Хачинс, сопруга, мајка и наша колешка на која ѝ се восхитувавме“, напиша Болдвин на друштвените мрежи.
Тој додаде дека срцето му е скршено поради нејзиниот сопруг, синот и сите оние што ја познавале и сакале Халина.
Хачинс (42) беше директорка на фотографија во филмот „’Рѓа“ што се снимаше во сојузната американска држава Ново Мексико. Режисерот Џоел Соуза (48) е ранет, но нема информации за неговата здравствена состојба. Соопштено е дека му е укажана помош и дека е отпуштен од болница.