Jeyhun Aliyev
02 Март 2019•Ажурирај: 04 Март 2019
ХАГ (АА) - Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW) соопшти дека пронашла разумни причини дека хлорот е користен како оружје во подрачјето Дума во Источна Гута во Сирија во 2018 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Мисијата за утврдување на факти (FFM) на OPCW објави конечен извештај за истрагата во врска со инцидентот со наводната употреба на отровните хемикалии како оружје, кој се случи во април минатата година во Сирија.
„Активностите на FFM во врска со овие наводи вклучуваа посети на лице место, за да се соберат примероци од околината, да се извршат разговори со сведоците и да се соберат податоци“, се наведува во извештајот и се додава:
„Во врска со наводната употреба на отровните хемикалии како оружје во Дума, проценката и анализата на сите горе наведени собрани информации од страна на FFM пружаат оправдани основи дека употребата на хемикалии како оружје се случила на 7 април 2018 година“.
Извештајот откри дека токсичната хемикалија содржувала „реактивен хлор“ и дека е веројатно „молекуларен хлор“.
OPCW е тело за спроведување на Конвенцијата за хемиско оружје, кое со 193 земји членки ги надгледува глобалните напори трајно да се искорени хемиското оружје. OPCW извештајот го подели со земјите потписнички на конвенцијата а проследен е и на Советот за безбеднот на ОН преку генералниот секретар Антонио Гутереш.