Hasan Esen
07 Март 2019•Ажурирај: 08 Март 2019
ЛОНДОН (АА) - Во име не сириските бегалци кои ги застапуваат, група адвокати во Велика Британија поднесоа барање до Меѓународниот кривичен суд (МКС) за процесуирање на Башар ал Асад и други официјални претставници на неговиот режим, јавува Anadolu Agency (AA).
Адвокатите, во барањето бараат против челниците на режимот на Асад во Сирија, а во име на 28 сириски бегалци кои се згрижени во Јордан, да се подигне обвинение за сторените злосторства против човештвото.
Барањето го поднесе адвокатската компанија „Stoke White“, а оштетените бегалци во него тврдат дека биле принудени да ги напуштат своите домови поради нападите на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад. Оштетените, исто така тврдат дека биле жртви и сведоци на постојани вооружени напади, притворања, тортури, убивање и широк спектар на кршење на законите и човековите права во Сирија.
Исто така се наведува дека намерата е правниот процес да ги опфати сите злосторства сторени над цивилите во Сирија, вклучувајќи прогони, тортура, силувања и хемиски напади.
Сирија не е членка на Меѓународниот кривичен суд и досега пред овој суд не се покренати такви постапки, но адвокатите тврдат дека процесот треба да се покрене по пример на оној кој се однесува на прогонот на муслиманите Рохинџа од Мјанмар во Бангладеш.
Адвокатите наведуваат дека сириските бегалци се протерани од земјата, токму како што е и случајот со прогонот на муслиманите Рохинџа во Мјанмар, и дека судот во разгледувањето на барањата треба да се води по истите начела.
На чело на адвокатскиот тим е Родни Диксон КВЦ кој изјави дека Меѓународниот кривичен суд постои за да се обезбеди правда за жртвите на најгрозните меѓународни злосторства.
Истакнувајќи дека војната во Сирија трае веќе деветта година, Диксон изјави дека сѐ уште никој не одговарал за стотиците илјади напади на цивилното население на таа земја.
„Овој случај претставува вистински пресврт за жртвите на војната во Сирија. Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд има канал за покренување на истрагата против најодговорните“, изјави Диксон.
Хакан Чамуз, претставник на адвокатското биро „Stoke White“, изјави дека оваа екипа две и пол години работела на анализа на кршењето на човековите права во Сирија и подготувала пат за процесуирање на креаторите на мрежата злосторства.
„Сакаме да им помогнеме на жртвите кои бараат правда. Одлуката на Меѓународниот кривичен суд ќе биде пресвртница за протераните жртви пред меѓународниот правен систем да ги бараат своите права. Ќе сториме сѐ за одбрана на правата на нашите штитеници кои беа жртви на сите видови нехумано третирање“, изјави Чамуз.
Истакнувајќи дека во барањето за процесуирање се наведуваат имињата Башар ал Асад, неговиот брат Махир ал Асад и некои генерали на режимските сили, Чамуз изјави дека обвинителот на Меѓународниот кривичен суд ќе ги има предвид тешките злосторства и врз основа на тоа ќе донесе одлука за случајот.
Во сведочењето на жртва на прогонот од Сирија која е згрижена во јорданскиот камп „Ал Затари“ се наведува дека лично видела како режимските сили убиваат многу цивили, вклучувајќи го и нејзиниот 18-годишен роднина.
Жртвата понатаму наведува дека во 2012 година била бомбардирана куќа во нејзиното соседство и дека е убиено цело семејство.
„Бев волонтерка во помагањето на ранетите лица во Хомс. Помогнав на многу жени кои припадниците на режимските сили ги силуваа и злоставуваа. Поради волонтерската работа станав цел на режимот и морав да се засолнам на посигурно место. Отидовме во Дамаск. Мојот најстар син ја одби принудната мобилизација во режимските сили. Го одведоа, по неколку дека се врати модар и не ме препозна воопшто. Беше изгребан и крвав. Со четирите деца побегнав во Јордан. Тоа беше тежок пат. Сѐ уште не знам ништо за мојот настар син, не знам дали е жив. Меѓународниот кривичен суд треба да преземе нешто во врска со злосторствата во Сирија. Долго време страдаме“, наведе неименуваната жртва.
Адвокатското биро „Stoke White“ соопшти дека застапуваат уште 183 сириски бегалци кои избегале од Сирија, вклучувајќи и повеќе од нив кои се згрижени во Турција. Адвокатите, врз основа на нивните сведочења ќе прикажат поширока слика за злосторствата во Сирија. Во случајот како советници се вклучени и двајца адвокати од Турција, и тоа, Ѓулден Сонмез и Туркан Акбаш.