İnci Gündağ
01 Ноември 2016•Ажурирај: 02 Ноември 2016
ЛОНДОН (АА) – Претседателот на Британската служба за внатрешно разузнавање МИ5, Ендру Паркер, нагласи дека во последните 3 години се спречени повеќе од 10 обиди за терористички напад на ниво на државата, и предупреди: „Во оваа држава ќе се случуваат терористички напади. Нивото на терористички закани е сериозно, и ова укажува на можни напади“, јавува Anadolu Agency (AA).
Паркер даде изјава за весникот „Гардијан“ и со тоа е единствениот функционер во 107-годишната историја на МИ5 кој дал изјава за еден весник.
Зголемувањето на тајните активности на другите држави Паркер го оценува како голема закана во период кога на глобално ниво, целото внимание е насочено на верскиот екстремизам. Русија ја оцени како држава што најмногу привлекува внимание со ваквите активности. „Русија преку многу државни органи се обидува да ја пласира својата моментална надворешна агресивна политика. Притоа се користи со пропаганда, шпионажа, субверзија и со хакерски напади“, изјави Паркер.
„Русија на задача низ Европа и Обединетото Кралство“
Паркер забележа дека е очигледно оти Русија сѐ повеќе се дефинира против Западот и дека почнува така и да се однесува.
„Ваквите знаци може да се видат во однесувањето на Русија во Украина и во Сирија. Меѓутоа, постои закана и од хакерски напади“, рече Паркер.
Тврдејќи дека Русија има голем број функционери од разузнавачката служба во Британија, кои се со цел да дојдат до информации како воени тајни, индустриски проекти, информации од економијата, па сѐ до надворешната политика на Британија, Паркер вели: „Русија денес е на задача во Обединетото Кралство и низ Европа. Нашата одговорност како МИ5 е да го избегнеме тоа“.
„Во Британија има околу 3 илјади насилни екстремисти“
Во својата изјава, 54-годишниот претседател на организацијата нагласува дека во Британија, во последните 3 години, од страна на безбедносните сили биле спречени 12 обиди за терористички напад.
„Меѓународниот тероризам со својата искривена идеологија го внесува теророт во нашите улици, во Турција, Австралија, Северна Америка, како и низ целиот развиен свет. Во Британија има околу 3 илјади насилни екстремисти. Повеќето се државјани на Британија. Јас 33 години сум на функција во МИ5 и овие напади против нашата држава се на највисоко ниво во мојата кариера. Во оваа држава ќе се случуваат терористички напади. Нивото на терористички закани е сериозно, и ова укажува на можни напади“, заклучи Паркер.
На крајот, тој додаде дека со зголемувањето на буџетот на организацијата, ќе се зголеми и бројот на вработените. Целта е во следните 5 години бројот на вработени во МИ5 да се зголеми на 5 илјади.