Esra Tekin
07 Јуни 2024•Ажурирај: 09 Јуни 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, вчера ги повика земјите што продолжуваат да му доставуваат оружје на Израел да стават крај на нивното соучесништво во израелските злосторства во Појасот Газа, известува Анадолу.
„Земјите што го поддржуваат Израел со муниција и оружје за неговите масакри мора да престанат да бидат соучесници во ова злосторство“, рече Ердоган за време на заедничката прес-конференција со неговиот узбекистански колега Шавкат Мирзијоев во Анкара, главниот град на Туркије.
Критикувајќи ја меѓународната заедница, која според него не направила доволно за да се стави крај на масакрот во Газа, Ердоган ги повика и сите совесни и одговорни страни да преземат чекори и напори веднаш да воспостават прекин на огнот.
Претседателот на Узбекистан, Мирзијоев, изјави и дека за да се постигне стабилен и траен мир во Појасот Газа, неопходно е да се формира независна и слободна држава Палестина.
Израел продолжува со бруталната воена офанзива врз Појасот Газа што ја започна пред 8 месеци со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Во израелските бомбардирања и гранатирања на Појасот Газа досега се убиени повеќе од 36.600 Палестинци, повеќето жени и деца, а над 83.000 се повредени, објавија локалните здравствени власти.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата најнова одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од еден милион раселени Палестинци побараа засолниште.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарна помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.