Bayram Altuğ
15 Ноември 2018•Ажурирај: 17 Ноември 2018
ЖЕНЕВА (AA) – Бисерен и дијамантски ѓердан на француската кралица Марија Антоанета е продаден за 32 милиони швајцарски франци, а аукцијата ја организираше аукциската куќа „Сотбис“ во Женева, Швајцарија, јавува Anadolu Agency (AA).
Аукцијата е организирана во еден хотел во Женева, а на неа на продажба е понуден сет од дијамантски накит на последната француска кралица, составен од 10 дијамантски парчиња накит, бисери, дијамантски ѓердан, обетки, брош.
Бисерниот и дијамантски ѓердан на кралицата, чија пазарна вредност изнесува 1-2 милиони швајцарски франци, на аукцијата бил купен од лице чиј идентитет не е објавен, за сума од 32 милиони швајцарски франци.
- „Соборен е светски рекорд“
Дејвид Бенет, претседател на меѓународната аукциска куќа „Сотбис“ во Женева, по аукцијата изјави дека на аукцијата на која учествувале со 100 парчиња накит, остварен е приход од 53,5 милиони франци.
Бенет, исто така истакна дека со оваа продажба постигнат е светски рекорд во продажбата на кралски накит.
„Сетот составен од 10 парчиња дијамантски накит на Марија Антоанета, што беше понуден на продажба во рамките на „Семејната аукција Бурбон - Парма“ е продаден за 43,1 милион франци“, нагласи Бенет, и додаде дека аукцијата во Женева е историска.
- „Продажбата на векот“
Даниела Маскети, надлежна за европскиот накит на аукциската куќа, во врска со промената на сопственоста на бисерниот и дијамантски ѓердан на Марија Антоанета за 32 милиони швајцарски франци, за АА изјави:
„Апсолутно прекрасна продажба, бидејќи ниту еден бисерен ѓердан во историјата не е продаден за оваа цена. Многу, многу сме среќни. Ова дефинитивно е продажба на векот за овој тип накит.“
Маскети посочи дека наследството на кралицата кое преоѓало од генерација на генерација, за првпат е понудено на пазарот и веднаш е продадено на аукција.
Кралицата Марија Антоанета, која беше во брак со францускиот крал Луј 16, со нејзиниот гламурозен живот, но и со смртта е едно од најнезаборавните имиња на Француската револуција. Таа, за време на Француската револуција беше погубена на гилотина во 1793 година, на возраст од 37 години, на плоштадот „Конкорд“, симболот на главниот град Париз. Нејзиниот живот беше предмет на бројни филмови и книги.