Mehmet Hatipoğlu
20 Август 2021•Ажурирај: 22 Август 2021
КОМОТИНИ (АА) - Продолжуваат напорите за гаснење на шумските пожари што веќе пет дена беснеат во регионот Вилија во близина на Атина, главниот град на Грција, известува Агенција Анадолија (АА).
Претставниците на Грчката противпожарна служба соопштија дека и денеска продолжуваат напорите за воспоставување контрола врз пожарот, кој под влијание на ветрот што постојано го менува правецот, формирал огнена фронтална линија во должина од околу 20 километри.
Пожарот продолжил и во текот на ноќта, преминувајќи ја планината Патерас и се приближува кон градот Мегара, а противпожарните единици вложуваат интензивни напори да се спречи пламенот да стигне до населените места во регионот.
Во пожарот што од 16 август досега беснее во близина на населените места Агиос Георгиос, Теа, Палеохори и Панорама, изгореа некои магацини и куќи, а се претпоставува дека најмалку 10.000 хектари шумска површина е претворена во пепел.
Единиците на Противпожарната бригада од околните провинции се испратени во опожарените подрачја, при што во гаснењето на пожарот учествуваат 461 пожарникар, 166 возила, 4 хеликоптери и 4 авиони.
Генерал-полковникот Стефанос Колокурис, претседателот на противпожарните единици, кој го координира гаснењето на пожарот, информира дека во гаснењето на пожарот се вклучил и Европскиот механизам за цивилна заштита со 46 возила и 143 пожарникари од Полска.
Од друга страна, се дознава дека противпожарните екипи под контрола ги ставиле шумските пожари во подрачјето Лавреотики во провинцијата Кератеа на југот на Атина и во провинцијата Иматија во близина на Солун, но екипите за гаснење на пожарите се под штрек од можноста за повторно палење на пожари кои беа изгаснати во различни делови на земјата.
- Приведени 188 лица под обвинение за подметнување пожар -
Во меѓувреме, објавен е податокот дека од почетокот на август досега, приведени се 188 лица осомничени дека се одговорни за пожарите што избија во земјата, од кои 25-мина се уапсени.
Грчките медиуми објавија дека тројца од 25-те уапсени лица се осудени на различни затворски казни во времетраење од 18 месеци до 5 години.