Abdel Ra'ouf D. A. R. Arnaout
25 Септември 2023•Ажурирај: 26 Септември 2023
ЕРУСАЛИМ (АА) – Група еврејски доселеници денес насилно влегоа во комплексот на џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Ерусалим (Источен Кудс) по повод празникот Јом Кипур, најсветиот ден во еврејскиот календар, јавува Анадолу.
Чувани од израелската полиција, доселениците влегоа во комплексот во групи преку неговата западна порта Ал-Магариба, изјавија очевидци за Анадолу.
За време на упадот израелската полиција приведе Палестинец во дворот на џамијата.
Групи еврејски доселеници ги повикаа поддржувачите да се соберат во комплексот „Ал Акса“ за да го одбележат празникот Јом Кипур кој започна вчера (недела) и трае до вечерва.
Вчера Одделот за исламски вакуф управуван од Јордан соопшти дека 658 доселеници упаднале во „Ал Акса“.
Јом Кипур се смета за најсвет ден во еврејскиот календар. Традиционално се празнува со еднодневен пост и специјални служби во синагогите.
Израелската еврејска празнична сезона започна на 15 септември со одбележување на празникот Рош Хашана (Нова година). Тие ќе го одбележат и празникот Сукот на крајот на септември и празникот Симхат Тора на 6 октомври.
За муслиманите, „Ал-Акса“ претставува трето најсвето место во светот. Евреите, од своја страна, го нарекуваат подрачјето Планина на храмот, велејќи дека тоа е место на два древни еврејски храма.
Израел го окупира Источен Ерусалим (Источен Кудс), каде што се наоѓа комплексот „Ал Акса“, за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Го анектира целиот град во 1980 година, потег што никогаш не беше признаен од меѓународната заедница.