Abdullah Aşıran
22 Мај 2025•Ажурирај: 23 Мај 2025
РОТЕРДАМ (АА) – Во холандскиот град Ротердам се одржа протест поради закотвувањето на брод во градското пристаниште што испловил од Израел, а транспортира делови за борбени авиони Ф-35, известува Анадолу.
Голем број луѓе, претежно Холанѓани, присуствуваа на протестот пред градското Собрание во Ротердам.
Демонстрантите го изразија своето незадоволство поради закотвувањето на бродот „Маерск“ што транспортира делови за борбени авиони Ф-35 во пристаништето во Ротердам.
Носејќи транспаренти на кои пишуваше „Симни ја маската на Маерск“, „Маерск профитира од геноцид“ и „Сите сме Палестинци, прекинете ги сите врски со апартхејдската држава Израел“, како и пароли со пораки „Бојкотирај го Израел“, „Вашите раце се крвави“ и „Запрете ги бродовите“, демонстрантите го скандираа слоганот „Слободна Палестина“.
Во говорите одржани на протестот беше потсетено дека минатата година холандскиот суд одлучи да го запре извозот на делови за авионот Ф-35 во Израел бидејќи оваа земја го крши меѓународното хуманитарно право во Газа.
И покрај оваа одлука, Општина Ротердам и одговорните во пристаништето дале свој придонес во испораката на оружје во Израел со тоа што на брод што превезувал делови за борбените авиони Ф-35 му дозволиле да се закотви во пристаништето.
Се истакнува дека бродот закотвен во пристаништето бил дел од воениот логистички синџир што ја опслужува израелската индустрија за оружје.
Демонстрантите извесно време ги блокираа патот и трамвајските пруги пред градското Собрание. Потоа демонстрантите маршираа низ центарот на градот и одржаа протест седејќи на прометната раскрсница што води кон мостот Еразмус, блокирајќи го сообраќајот.