Muhammed Bilal Kenasari
11 Јули 2016•Ажурирај: 11 Јули 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Бранот масовни протести поради полициското насилство над Афроамериканците продолжи и вчера во неколку градови ширум САД, а во текот на нередите на улиците на Батон Руж во сојузната држава Луизијана уапсени се најмалку 48 демонстранти, јавува Anadolu Agency (AA).
Неколку илјади демонстранти вчера се собраа во центарот на Батон Руж, а портпаролот на полицијата, Кејси Рејборн Хикс, изјави дека 48 лица се уапсени при обид да го блокираат влезот кон автопатот.
Демонстрантите на социјалните мрежи објавија бројни снимки на кои се гледа дека полицијата интервенира и со употреба на сила се обидува да ги спречи насобраните демонстранти.
Гувернерот на Луизијана, Џон Бел Едвард, изјави дека се гордее со американската полиција и дека реакцијата на полицијата е „сосема нормална”.
Бранот протести во САД започна откако полицијата во Батон Руж во вторникот го застрела црномурестото момче Алтон Стерлинг, а ден потоа во градот Сент Пол во Минесота е застрелан и Филандо Кастил, исто така Афроамериканец, врз кој полицијата отвори оган додека беше уште во автомобилот.