Selen Temizer
27 Октомври 2018•Ажурирај: 27 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (AA) – Претседателот на Руската Федерација Владимир Путин изјави дека кризата во Сирија може да се реши исклучиво по дипломатски пат, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Истанбул денес е одржан самит за Сирија на кој домаќин беше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а учествуваа неговиот руски и француски колега, Путин и Емануел Макрон, како и германската канцеларка Ангела Меркел.
По завршување на самитот лидерите на четирите земји одржаа и заедничка конференција за новинарите на која рускиот претседател Путин истакна дека тоа била добра можност за приближување на ставовите за сириското прашање.
Путин најави дека лидерите на четирите земји ќе ја продолжат соработката во насока на нормализација на состојбата во Сирија.
„Постигнавме погодни услови за тоа. Турција, Русија и Иран со активностите во мировниот процес во Астана овозможија поголемиот дел од земјата да се исчисти од терористите. Земјата чекор по чекор оди кон мир", рече Путин и додаде дека решавањето на сириската криза е можно исклучиво со почитување на независноста, суверенитетот и целовитоста на Сирија.
Рускиот претседател Путин исто така, рече дека сирискиот народ треба самостојно да ја одредува својата иднина.
„Разговаравме и за обединување на астанскиот формат со оваа група. Ќе се обидеме да ги вклучиме и конструктивните претставници од Сирија кои на теренот покажуваат брз напредок во политички процес за надминување на кризата. Првобитно треба да го започнеме процесот за формирање на уставниот комитет за Сирија", рече Путин.
Нагласувајќи дека при формирање на комитетот треба да се почитува принципот на сеопшта застапеност, Путин рече дека тоа е чувствителна работа.
„Така ќе се овозможат уставните реформи кои на Сирија и се потребни од претходно. Тоа државата ќе ја зајакне а општеството во Сирија ќе го обедини", рече Путин.
Истакнувајќи дека во Сирија значително е намалена стапката на насилството, Путин рече дека е неопходно итно да се исчистат радикалните елементи кои се собираат во таа земја.
„Тоа е една од нашите приоритетни цели. Тие злосторници со искуството од војната би можеле да ги разбудат тивките симпатизери во нашите земји. Можат во општеството да ја шират нивната опасна идеологија, што е апсолутно неприфатливо", порача Путин.
Тој рече дека со турскиот колега Ердоган ги информираше француските и германските лидери за турско-рускиот договор за воспоставување на прекин на судири и демилитаризирана зона во Идлиб.
„Русија решително го задржува правото да и помага на Сирија во отстранување на терористичките закани", порача Путин.
Путин укажа и на важноста на продолжување на хуманитарна помош и рече дека целата меѓународна заедница мора заедно да работи за да се овозможи враќање на сириските бегалци.
„Ние имаме предлог да одржиме меѓународна конференција за сириските бегалци. Без тоа нема да можеме да правиме исчекори", рече Путин.