Ekipa
08 Март 2017•Ажурирај: 09 Март 2017
ХОМС (АА) - Најмалку 51 цивил се убиени, а 320 се ранети во воздушните и артилериските напади што силите лојални на режимот на сирискиот режим Башар ал Асад ги извршуваат во изминатите 20 дена во центарот на Хомс, јавува Anadolu Agency (AA).
Ваер е најголемиот кварт во Хомс и е една од последните области во тој град кој е под контрола на опозицијата, а станува збор за област во која речиси 60.000 цивили, веќе три години се под опсада на силите на сирискиот режим.
Во Ваер веќе пет месеци не влегол ниеден конвој со хуманитарна помош, а во последните недели режимските сили ги интензивираа нападите на тој регион.
Паралелно со нападите на населените места, режимските сили во изминатите неколку дена извршија и најмалку четири напади врз болница и хуманитарен центар во Ваер.
Во градот без струја и хуманитарна помош, населението преживува воглавно во подрумите и во засолништата.
Конвојот со хуманитарна помош под знамето на ОН последен пат се обиде да влезе во Ваер на 21 февруари оваа година, но силите на сирискиот режим не го дозволија тоа.
Два дена по запирањето на хуманитарниот конвој, извршен е бомбашки напад врз зграда на разузнавачката служба којашто во Хомс е под контрола на сирискиот режим. Иако бунтовничката група Тахрир Шам презеде одговорност за нападот, режимот на Асад тој напад го користи како изговор за интензивирање на нападите врз Ваер.
Шефот на медиумскиот центар во Ваер, Усаме Абу Зејд за АА изјави дека е невозможно некој од Ваер да го изврши тој напад бидејќи регионот се наоѓа под опсада, туку дека станува збор за класично барање изговор за страотните напади врз цивилите.
„Пред два дена формиравме делегација од истакнати личности од Ваер и се состанавме со делегацијата на руските официјални претставници. Русите не ни дадоа никаква гаранција, иако од страна на сирискиот режим тие се гарант на претходно договорениот прекин на судирите. Ни кажаа дека ќе ни понудат предлог-мапа на патот како да се воспостави примирје во Хомс. Ние го чекаме тој предлог“, изјави Абу Зејд.
Со посредство на Турција и Русија, од 30. декември е договорено примирје во Сирија. Силите на сириската опозиција ги спречија нападите врз позициите на сирискиот режим, додека силите лојални на режимот на Асад продолжуваат со нападите и со кршењето на примирјето.