Serdar Dincel
04 Мај 2026•Ажурирај: 04 Мај 2026
Сведочењето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во рамките на судскиот процес за корупција, кое беше закажано за денес, е откажано откако судот добил порака од адвокатот на премиерот во текот на ноќта, чија содржина засега останува непозната за јавноста, пренесуваат денес израелските медиуми, пренесува Анадолу.
Планираното рочиште за денес се одложува „по известувањето што го доставил адвокатот Амит Хадад до судот во текот на ноќта”, објави израелскиот весник „И24 њуз“ повикувајќи се на официјално соопштение од судот.
Од судот додадоа дека „во оваа фаза” од процесот не може да споделат дополнителни детали.
На 28 април Нетанјаху се појави пред Окружниот суд во Тел Авив по 81. пат, што го означи неговото прво појавување во судницата откако Израел и САД ја започнаа војната против Иран на 28 февруари.
Нетанјаху се соочува со обвиненија за корупција, примање поткуп и злоупотреба на службената положба во три одделни предмети за кои обвинителните акти се поднесени во ноември 2019 година.
Повеќегодишните судски предмети беа одложени поради израелската офанзива врз Газа, која започна во октомври 2023 година, како и поради нападите врз Либан, Иран и други земји. Критичарите тврдат дека Нетанјаху намерно ги одолговлекува конфликтите, цинично поттикнувајќи ги и искористувајќи ги стравувањата за безбедноста за да избегне одговорност за своите кривични дела.
Во еден предмет премиерот и членови на неговото семејство се обвинети за примање поткуп од моќни бизнисмени во форма на луксузни подароци во замена за услуги.
Покрај обвиненијата за корупција, Нетанјаху од 2024 година се соочува и со меѓународна правна битка, имено Меѓународниот кривичен суд (МКС) го товари за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа, каде што повеќе од 72.000 Палестинци се убиени во жестоките израелски напади што започнаа во октомври 2023 година.
Иако во октомври 2025 година било договорено примирје, сепак продолжуваат прекршувањата.