Русија го прифаќа извинувањето на Вучиќ во врска со гласањето на Србија во ОН
- „Се случуваат технички грешки“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

МОСКВА (АА) - Русија го прифати извинувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ во врска со гласањето на Србија во Обединетите нации, јавува Анадолу.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во Москва ги коментираше актуелните настани, вклучително и гласањето во Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) за европската резолуција за Украина.
Песков, потсетувајќи дека Вучиќ им се извинил на граѓаните на Србија за тоа што неговата земја гласала за европската резолуција за Украина, рече дека Русија разбира дека тоа е вистинска грешка.
„Секако, го слушнавме и го забележавме“, одговори Песков на прашањето дали Кремљ го забележал извинувањето на Вучиќ.
„Се случуваат технички грешки“, рече Песков.
Претседателот на Србија, Вучиќ, синоќа изјави дека верува оти неговата земја направила грешка и требало да се воздржи.
„Мислам дека Србија денеска згреши. За тоа им се извинувам на граѓаните на Србија и сам ја сносам вината за тоа, затоа што веројатно сум уморен и оптоварен и не можам да постигнам сѐ“, рече Вучиќ за време на гостувањето на ТВ Хепи.
Советот за безбедност на Обединетите нации синоќа усвои резолуција со која се повикува на брз крај на тековната војна и воспоставување траен мир меѓу Русија и Украина.