Elena Teslova
03 Јуни 2022•Ажурирај: 06 Јуни 2022
МОСКВА (АА) - Русија денеска ги критикуваше плановите на Германија за создавање најголема армија во Европа, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Москва внимателно ќе го следи најавеното зголемување на Германските вооружени сили и придржувањето на Берлин кон меѓународните обврски преземени според договорот за повторно обединување на Германија“, соопшти Марија Захарова, портпаролката на Министерството за надворешни работи на брифингот со новинарите во Москва.
„Изјавата на канцеларот на Германија дека Германија наскоро ќе ја има најголемата армија од земјите на НАТО во Европа е уште една потврда дека официјален Берлин постави курс за присилна ремилитаризација на својата земја“, рече таа.
Таа додаде, алудирајќи на двете светски војни: „Како може да се заврши ова, за жал, е добро познато од историјата“.
На 31 мај, во едно интервју, германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека Германија наскоро ќе ја има најголемата армија од земјите на НАТО во Европа и дека ова значајно ќе ја зајакне безбедноста на Германија и нејзините сојузници.
Поради своето минато од Втората светска војна, Германија традиционално одбегнуваше создавање голема војска, но војната на Русија во Украина, сега веќе во четвртиот месец, го натера Берлин да го преиспита тоа.