Rabia İclal Turan
30 Април 2026•Ажурирај: 30 Април 2026
Администрацијата на Трамп бара начин да изгради меѓународна коалиција за да ја обнови пловидбата низ Ормускиот Теснец, бидејќи сообраќајот на бродови низ овој клучен воден пат останува во застој поради тековниот конфликт меѓу САД и Иран, пренесува Анадолу.
„Волстрит џурнал“, цитирајќи внатрешен документ на Стејт департментот испратен до американските амбасади, објави дека Вашингтон побарал од своите дипломати да извршат притисок врз странските влади да се приклучат на новиот сојуз наречен „Стратегија за поморска слобода“ кој би ја координирал размената на информации, дипломатските напори и спроведувањето на санкциите со цел повторно отворање на Теснецот.
„Вашето учество ќе ја зајакне нашата колективна способност да ја вратиме слободата на пловидба и да ја заштитиме глобалната економија“, се наведува.
Според наводите на медиумот, висок претставник на администрацијата го потврдил предлогот како еден од многуте дипломатски и политички ресурси што му стојат на располагање на претседателот.
Иницијативата доаѓа по неколку недели откако претседателот Доналд Трамп прогласи дека Теснецот е „целосно отворен и подготвен за пловидба“ иако бродскиот сообраќај и понатаму е главно во прекин.
Иран се обиде да постави мини и да ги напаѓа танкерите кои транзитираат низ водниот пат без одобрение од Техеран, додека САД спроведуваат блокада на сите пловила што се движат кон или од иранските пристаништа.
Прашањето за иднината на Ормускиот Теснец прерасна во централен проблем во мировните преговори кои се во застој, при што Трамп наводно им наложил на своите соработници во понеделникот да се подготват за продолжена блокада додека Иран не се согласи да се откаже од својата нуклеарна програма.