Michael Gabriel Hernandez
13 Мај 2022•Ажурирај: 14 Мај 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) вчера издадоа општа дозвола за ослободување на северните сириски територии, вклучително и оние што се контролирани од регионалниот огранок на ПКК, од американските санкции, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со потегот на Министерството за финансии се укинуваат забраните за деловни активности во 12 различни економски сектори во северна Сирија, вклучувајќи ги земјоделството, телекомуникациите, инфраструктурата на електричната мрежа, градежништвото, производството, трговијата, финансиите и чистата енергија.
Дозволени се и набавки на сириска нафта од регионот сѐ додека тие не му користат на режимот.
Областите кои се опфатени со лиценцата се движат од Алепо на запад до Хасека на исток. Вклучени се географски исклучоци за одредени области.
Бизнисите со сирискиот режим не се засегнати од најавата и сè уште се забранети според американскиот закон. Увозот на сириска нафта во САД, исто така, останува забранет, според лиценцата потпишана од директорот на Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии, Андреа Гацки.
САД воведоа опсежни санкции врз сирискиот режим и неговото раководство како одмазда за злосторствата што ги изврши за време на сирискиот конфликт, кој сега е во својата 12-та година.
ЈПГ, која е сириски огранок на ПКК, држи под контрола на големи делови од североисточна Сирија со поддршка од САД.
ПКК е означена терористичка организација во Турција и САД. Но, Вашингтон се воздржа од слично назначување и за ЈПГ и продолжува да соработува со неа во регионот против терористичката организација ДЕАШ, и покрај жестокиот протест од Анкара.