Ekipa
03 Јули 2021•Ажурирај: 05 Јули 2021
ЧИКАГО (АА) - Градоначалничката на Мајами, во сојузната американска држава Флорида, соопшти дека потпишала итна наредба за уривање на преостанатиот дел од станбената зграда чиј дел се сруши минатата недела, јавува Агенција Анадолија (АА).
Даниела Левин Кава рече дека нејзиниот најголем приоритет е сè уште потрагата и извлекувањето на жртвите и дека не сака да преземе никакви акции за загрозување на таа операција.
Но, таа нагласи дека остатокот од зградата треба да се сруши што е можно поскоро.
„Знам колку е тешко ова за семејствата што ја напуштија зградата и оние што ги загубија своите домови и она што го поседуваа“, рече таа, нагласувајќи дека зградата претставува закана за јавното здравје и безбедноста.
Левин Кава соопшти дека вчера се извлечени уште две тела, со што бројот на загинати се искачи на 22 лица. Бројот на лица од зградата за кои не е утврдено каде биле при нејзиното срушување изнесува 126.
Скоро половина од 12-катната зграда се сруши минатата недела, а потрагата по преживеани резултираше со пронаоѓање на само едно момче спасено во раните утрински часови по катастрофата.
Во однос на уривањето на преостанатиот дел од зградата, градоначалничката Кава не кажа кога и како би се случило тоа, и дали ќе се случи пред да пристигне ураганот Елса, кој се приближува кон Мајами.