Berk Kutay Gökmen
04 Август 2026•Ажурирано: 04 Август 2026
Соединетите Американски Држави вчера ги обновија летовите за депортација кон Венецуела, враќајќи повеќе од 100 мигранти за првпат по разорните земјотреси што ја погодија земјата кон крајот на јуни, јави денес „Си-ен-ен“, пренесува Анадолу.
Пред природната катастрофа, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп секоја недела депортираше стотици Венецуелци. Летовите беа прекинати откако два силни земјотреса однесоа повеќе од 6.000 животи и предизвикаа големи разурнувања.
Последниот лет за депортација, кој полетал неколку часа пред земјотресите, превезувал 146 лица, од кои многумина подоцна загинале кога се урнал хотелот во кој биле сместени.
Вчера, авион со 147 венецуелски мигранти полета од Мајами и слета во североисточната сојузна држава Ансоатеги.
Авионот пристигнал на Меѓународниот аеродром „Генерал Хосе Антонио Ансоатеги“ во градот Барселона, откако главниот аеродром во земјата „Симон Боливар“ претрпе значителни оштетувања во земјотресите.
Поздравувајќи ги пристигнатите, Мервин Малдонадо, кој раководи со програмата за репатријација на Венецуела, изјави дека тие „се враќаат дома, за повторно да бидат со своите семејства, да го продолжат своето образование, да бидат продуктивни и да придонесат за националниот развој“.
Голем број Венецуелци ја напуштија земјата поради економските тешкотии и политичката репресија, впуштајќи се во опасни патувања кон САД.
Откако Врховниот суд во октомври минатата година ѝ дозволи на администрацијата на Трамп да го укине привремениот заштитен статус за околу 300.000 Венецуелци, бројот на депортации се зголеми. Според Следачот на летовите на ИЦЕ, само во мај, пред земјотресите, биле депортирани 1.746 лица.
Во текстот се наведува дека, по приведувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на администрацијата на Трамп во јануари, летовите за депортација биле проширени под водство на вршителката на должноста претседателка Делси Родригез.
Венецуелските власти соопштија дека вчерашниот лет бил 165-ти откако депортациите беа обновени на почетокот на 2025 година, во рамки на договорот за миграција меѓу Каракас и Вашингтон.