Kasım İleri
10 Ноември 2016•Ажурирај: 10 Ноември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Централната команда на американските вооружени сили вчера призна дека воздушните напади на американската војска во Ирак и во Сирија, во изминатите години предизвикале смрт на 64 цивили и повреди кај осум лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Понекогаш цивилите ги сносат последиците од воените акции, но ние правиме сè што можеме за да ги намалиме таквите појави, дури и по цена некогаш да ја пропуштиме шансата да ги нападнеме вистинските цели во вистинско време“, изјави во соопштението портпаролот на американската Централна команда.
Во соопштението е наведено дека цивилите загинале во 24 воздушни напади во периодот од 20 ноември минатата година до 10 септември оваа година.
Централната команда соопшти дека за да се состави извештајот се служеле со воени податоци, медиумски податоци и извештаи на невладините организации, како и податоци од американските државни агенции.
Меѓутоа, самостојните истражувачки организации и аналитичари сметаат дека овој извештај го потценува вистинскиот број на убиени цивили, кој, како што наведоа, е трипати поголем од претставениот.
Во минатомесечниот извештај, Амнести интернешнал објави дека во последните две години, во 11 воздушни напади на меѓународната коалиција предводена од САД загинале околу 300 цивили.
Сирискиот опсерваториум за човекови права, кој ги собира и ги документира кршењата на човековите права во Сирија, неодамна објави дека бројот на цивилните жртви во таа земја од септември 2014 година ја надминал бројката од 680. Меѓу жртвите има 169 деца и 102 жени.
Според податоците на Пентагон, во воздушните напади на американската војска, од септември 2014 година загинале 119 цивили, додека 37 се повредени.
Воените податоци велат дека во истиот период, американските воздушни сили извршиле 12.354 воздушни напади против припадниците на терористичката организација ДЕАШ во Ирак и 5.362 во Сирија.
Кампањата против ДЕАШ во Сирија и во Ирак ги чинела САД околу 9,3 милијарди долари.