Serdar Dincel
09 Октомври 2026•Ажурирано: 09 Октомври 2026
Саудиска Арабија денес соопшти дека тројца нејзини државјани загинале во два напада вчера, чија цел биле меѓународниот аеродром „Крал Калид“ во главниот град Ријад и авион на авиокомпанијата „Саудија ерлајнс“, јавува Анадолу.
Во соопштението објавено на американската платформа за социјални медиуми Х, Генералната управа за цивилно воздухопловство соопшти дека првиот напад бил насочен кон аеродромските објекти, а во вториот бил погоден авион на националниот авиопревозник.
Екипите за итни интервенции веднаш реагирале по нападите, во кои биле повредени и „одреден број граѓани и жители од различни националности“, соопшти управата.
Повредите биле од лесни до тешки, а повредените веднаш биле пренесени во болница на лекување, се наведува во соопштението, во кое се додава дека во нападите е предизвикана и одредена материјална штета.
Надлежните соопштија и дека оперативните активности на аеродромот се обновени и дека воздушниот сообраќај е нормализиран.
Државната телевизија Ал-Ехбарија објави дека летовите на аеродромот биле обновени вчера во 18 часот по локално време (15:00 часот по Гринич).
Во одделно соопштение „Саудија ерлајнс“ потврди дека во инцидентот „е предизвикано оштетување на еден од нејзините авиони додека бил на земја на аеродромот“, додавајќи дека во моментот на инцидентот во авионот немало патници.
Во нападите загинал еден од вработените во авиокомпанијата, која изрази „најдлабоко сочувство“ до семејствата на жртвите.
Саудиските власти не ги идентификуваа одговорните за нападите, но инцидентот се случува во услови на обновување на борбите меѓу јеменските владини сили и Хусите.