Şahin Demir
06 Октомври 2026•Ажурирано: 06 Октомври 2026
Саудиска Арабија денес соопшти дека три лица биле повредени во нападите врз два аеродрома во јужниот дел на земјата еден ден претходно, при што била предизвикана и материјална штета, пренесува Анадолу.
Во соопштение, Генералната управа за цивилно воздухопловство (GACA) наведе дека Меѓународниот аеродром „Крал Абдула бин Абдулазиз“ во Џазан и Меѓународниот аеродром во Наџран биле цел на напади врз нивните објекти.
Службите за итна помош и надлежните органи веднаш реагирале согласно со утврдените процедури, се наведува во соопштението.
Во нападите биле повредени три лица, кои се здобиле со полесни повреди и биле пренесени во болница за медицински третман. Била причинета и материјална штета.
Воздухопловната управа соопшти дека соработува со надлежните безбедносни служби за процена на штетата и преземање на неопходните мерки за да се обезбеди безбедноста на патниците, вработените и цивилниот воздухопловен систем на Кралството.
Во соопштението не се наведува кој ги извршил нападите.
Јеменските Хуси, сепак, вчера соопштија дека извршиле серија ракетни напади и напади со беспилотни летала низ Саудиска Арабија, вклучително и врз, како што ги опишаа, „чувствителни цели“ во Џазан и Наџран.
Групата, исто така, презеде одговорност за нападите врз Меѓународниот аеродром „Крал Калид“ во Ријад, аеродромот во Абха, рафинеријата на „Арамко“ во Рабиг и воените објекти.
Саудиска Арабија вчера ги осуди нападите на Хусите врз цивилни и економски објекти низ Кралството, обвинувајќи ја групата дека се определува за воена ескалација.
Нападите се случија во услови на нагло зголемување на тензиите меѓу Саудиска Арабија и Хусите, при што коалицијата предводена од Саудиска Арабија во последните денови соопштуваше дека пресретнала балистички ракети и беспилотни летала насочени кон Кралството.
Саудиска Арабија предводи воена коалиција која ја поддржува меѓународно признатата Влада на Јемен во борбата против Хусите од март 2015 година. Групата го контролира главниот град Сана и неколку други области од септември 2014 година.