Ekipa
21 Февруари 2019•Ажурирај: 22 Февруари 2019
ИДЛИБ (АА) - БУРАК КАРАЏАОГЛУ/ЕШРЕФ МУСА -
Рана, една од жените кои припадниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад ја измачуваа во затвор, изјави дека во нејзината единица можеле да почувствуваат мирис на запалени тела, пишува Anadolu Agency (AA).
Меѓународниот конвој на совеста, кој е формиран за да се укаже на состојбата на жените во сириските затвори и лошото однесување кон нив, како и да се повика на нивно ослободување, пред 8 март - Меѓународниот ден на жената, од Истанбул ќе тргне кон Сирија.
Новинарите на АА по тој повод стапија во контакт со Рана (33) од Хомс, која беше подложена на измачувањето во затворите на сирискиот режим.
Не сакајќи да го открие своето презиме, Рана зборуваше за измачувањата и лошото однесување кон жените во затворите. Додаде дека од војната во Сирија побегнала во Турција, но дека се вратила во Сирија за да ѝ извади пасош на ќерката. Припадниците на режимот ја уапсиле во мај 2015 година.
„Ме обвинија за убиство и терористички чин. Ме обвинија за контакт со опозициските групи. Ги отфрлив обвиненијата. Ме тепаа и ме фрлија на земја. Се онесвестив. Подоцна ме заклучија во студена, влажна и мрачна соба во која се наоѓаа 15 жени. Секој ден на испрашувањата ме обвинуваа за злосторства кои ги немав сторено. Повторно ме тепаа и ме фрлaa во темница“, изјави Рана.
Еднаш очите ѝ биле врзанi, ѝ било кажано дека ќе биде ослободена, но била префрлена во безбедносни простории во Дамаск, познати под називот „палестинска единица“.
„Објектот беше застрашувачки“, се присети Рана, истакнувајќи дека во приземјето се наоѓале мажи, а на спратот жени.
„Видов деца, жени и млади како стојат само во долна облека. На младите и бојата на кожата им беше променета од силните претрпени удари. Секој ден испрашувања, испитувања и мачења. Жените ги тепаа еднакво како и мажите. Секој ден бевме соочени со омаловажувања и лошо однесување. Ниту до тоалет не можевме да одиме без дозвола. На телата на жените по испитувањето можеше да се види виолетова, модра и зелена боја“, се присети Рана.
Таа додаде дека подоцна е префрлена во нов оддел и дека во студената ќелија една недела спиела на земја. Се присети дека методите на измачување биле силување, кршење коски, удирање на главата во ѕид и користење оган.
„Во „палестинската единица“ чувствувавме дури и мирис на запалени тела. Една жена влечеа за коса од првиот до последниот кат. Подоцна слушнавме дека ги убиле нејзините ќерка и мајка. Sидовите беа прекриени со крв. Жените секогаш се враќаа со крвави глави“, изјави Рана.
Таа додаде дека не може да раскаже што сѐ преживувала, но дека секој ден сонува страшни глетки.
„Деца од четири-пет години, стари жени, што се виновни тие? Би требало да бидат ослободени. Спасете ги тие луѓе“, изјави Рана.
Податоците на опозицијата покажуваат дека во режимските затвори во Сирија се наоѓаат најмалку 500.000 лица.