Ayşe Aktaş
31 Октомври 2017•Ажурирај: 31 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Се тврди дека во несреќа во Северна Кореја, при уривање на тунел на полигон за нуклеарни проби животот го загубиле околу 200 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста на јужнокорејската новинска агенција „Yonhap“ (Јонхап), јапонскиот телевизиски канал „Asahi“ (Асахи) објавил информации во коишто се наведува дека во Северна Кореја се урнал тунел на полигонот за нуклеарни проби „Пунгери“, кој сѐ уште е во изградба.
Во веста се вели дека под урнатините биле затрупани 100 лица. За време на спасувачката акција за извлекување на вработените од под урнатините, се случило уште едно уривање, при што животот го загубиле уште 100 лица.
Не се знае кога точно се случила несреќата.
Северна Кореја од 3 септември 2006 година наваму изведе 6 нуклеарни проби. На сателитските снимки од подрачјето на „Пунгери“ може да се забележи лизгање и пропаѓање на земјиштето околу објектите на полигонот и во нивна близина.