Mohammad Sio
03 Август 2026•Ажурирано: 03 Август 2026
Сирискиот претседател Ахмад ал-Шара изјави дека соборувањето на режимот на Башар ал-Асад било неопходно не само за Сирија, туку и за целиот регион, јавува Анадолу.
Во интервју за катарската телевизија „Ал Џезира“, пренесено од Сириската арапска новинска агенција (САНА), Ал-Шара ја опиша Сирија како „централна оска на регионот“ и рече дека одамна очекувал земјата да мине низ темелни промени.
Тој истакна дека бил уверен оти режимот на Асад ќе падне поради бројните злосторства извршени врз сирискиот народ.
„Отстранувањето на поранешниот режим беше неопходно не само за Сирија, туку и за целиот регион“, рече Ал-Шара.
Сирискиот претседател посочи дека опозицијата за време на борбата против режимот, покрај воената кампања, истовремено се подготвувала и за обновата на земјата по завршувањето на конфликтот.
На 8 декември 2024 година, сириските револуционерни сили, предводени од Ал-Шара, го соборија режимот на Башар ал-Асад, кој владееше со земјата од 2000 година.
Ал-Шара нагласи дека воената акција претставувала само една алатка во рамките на поширока стратегија и дека сама по себе не можела да донесе промени во Сирија.
„Воената акција е една од алатките на нашата работа, но не е сѐ“, рече тој.
„Со оглед на реалноста во Сирија, само воената акција никогаш не беше доволна. Потребни се и медиумски наратив, јавна поддршка, ефикасно управување и голем тим обучен за изградба на институции, развој на економијата и создавање услови за одржлив развој“, додаде Ал-Шара.
Тој истакна дека единството било основен принцип во текот на целата кампања.
„Поделеноста е слабост, а единството е сила“, нагласи сирискиот претседател.
Ал-Шара рече дека извлекол поуки од претходните неуспеси и започнал да ги организира напорите за соборување на режимот од самата престолнина Дамаск, додавајќи дека поразите и ограничените ресурси му помогнале да стекне драгоцено искуство.
Тој истакна дека не добил никаква надворешна поддршка, туку изградил избалансирана локална економија во северозападната провинција Идлиб, која подоцна станала појдовна точка за кампањата што доведе до падот на режимот на Асад.
„Подеднакво значење им дадов на војната, обновата и економијата, иако работевме во опколена област под огромен притисок“, рече Ал-Шара, осврнувајќи се на Идлиб.
Тој додаде дека неговиот тим преку медиумите и посетите на странски делегации работел на претставување на „вистинската слика за управувањето во Идлиб и другите области под контрола на опозицијата“.
„Во Идлиб ги надминавме достигнувањата на поранешниот режим дури и во животниот стандард. Се обучувавме за изградба на институции и јавна администрација. Ги имаме советот Шура, универзитети, медиумски институции, изградивме и голема индустриска зона, станбени населби, трговски центри, патишта и друга инфраструктура“, рече Ал-Шара.
Тој говореше и за својот личен живот и политички пат, од образованието до преземањето на Дамаск, истакнувајќи дека неговото семејно потекло од окупираната Голанска Висорамнина значително влијаело врз неговиот идентитет.
Ал-Шара рече дека бил под влијание на арапскиот националистички дискурс, кој се фокусирал на прашањата на арапските народи, посочувајќи дека постојат и допирни точки со исламската мисла.
„Правиме разлика меѓу исламот и различните исламски искуства што вклучуваат човечки идеи и толкувања“, рече тој.
Тој додаде дека средината во која пораснал го отфрлала „поранешниот режим“ поради неговите политики и односот кон граѓаните.
На крајот од интервјуто, Ал-Шара порача: „Верувам дека човештвото започнало овде, во Сирија, и кога стоиме пред Дамаск, стоиме пред лулката на човечката цивилизација“.