Ethem Emre Özcan
17 Септември 2021•Ажурирај: 18 Септември 2021
АНКАРА
Сириската мрежа за човекови права (SNHR) објави дека од почетокот на граѓанската војна во Сирија досега, извршени се 174 напади на пекарници, во кои животот го загубија 801 цивил, известува Агенција Анадолија (АА).
Документирајќи ги прекршувањата на правата на цивилите, СНХР објави извештај за пекарници кои биле цел на напади во Сирија од март 2011 до септември 2021 година.
Во извештајот се забележува дека пекарници во различни провинции во земјата биле цел на напади вкупно 174 пати во текот на споменатиот период.
Според тоа, режимските сили, кои ги сочинуваат Армијата на режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, извршиле 99 напади на пекарници, Русија извршила 50 напади, терористичката организација ДЕАШ - 4, коалициските сили против ДЕАШ - 9, вооружената опозиција - 1 и неидентификувани вооружени групи - 11 напади на пекарници.
Според овој извештај, пекарници во Идлиб биле нападнати 80 пати, во Алепо 44, во Рака 15, во Деир ез-Зор 11, во Дамаск и неговите рурални подрачја 6, во Хасека и Хама 5, и пекарници во Хомс и Дера, 4 пати.
- Животот го загубија 801 цивил
Во нападите на пекарниците загинаа вкупно 801 цивил, од кои 109 деца и 70 жени.
Силите на режимот убиле вкупно 685 цивили, од кои 86 деца и 56 жени, додека Русија е одговорна за смртта на вкупно 47 цивили, од кои 9 деца и 3 жени.
Во бомбардирањето во Сирија извршени од коалициските сили, животот го загубија 47 цивили, од кои 10 деца и 7 жени, а во нападите извршени од страна на неидентификувани вооружени групи убиени се 18 цивили, од кои 4 деца и 4 жени.
Вооружената опозиција е причина за смртта на 3 цивили, додека во нападите на ДЕАШ, животот го загуби 1 цивил.
Нагласувајќи дека во текот на граѓанската војна што владее во Сирија, повеќето пекарници кои биле цел на режимот на Асад и Русија сега се наоѓаат во подрачја кои се под контрола на режимот, во извештајот долгогодишната криза за леб во областите под контрола на режимот се припишуваат на нападите на пекарниците и неуспехот да се поправат поголемиот дел од нив.