Halit Süleyman
03 Август 2017•Ажурирај: 03 Август 2017
РАКА (АА) - На северот од Сирија се наоѓа градот Рака кој е под контрола на ДЕАШ. Во нападите кои во јули беа спроведени врз овој град од копно и од воздух, животот го загубија 481 цивил, јавува Anadolu Agency (AA).
Локалната мрежа на активисти наречена „Рака тивко се убива“, која дејствува против терористичките организации ДЕАШ и ПКК/ПЈД, преку својот профил на социјалните мрежи објави дека минатиот месец во Рака се убиени 481 цивил.
Според оваа мрежа, коалициските сили предводени од САД, извеле 633 воздушни напади врз Рака, при што животот го загубиле 189 цивили.
Русија со своите 440 напади беше причина за смртта на 126 цивили, додека терористичката организација ПКК/ПЈД со гранатирањата што ги изведе врз градот, беше причина за смртта на 121 цивил.
Во нападите на ДЕАШ убиени се 36 цивили, а во нападите на неидентификувани лица, животот го загубиле 9 цивили.
САД објави дека на 6 јули, под нејзино водство започнува операцијата за ослободување на центарот на Рака.
Сириската мрежа за човекови права (SNHR) кон крајот на јули објави дека во последните 8 месеци, во нападите изведени врз Рака, животот го загубиле најмалку 1.400 цивили, од кои 308 се деца, а 203 жени.